Daisy Darker – Alice Feeney

По години избегнување едни со други, целото семејство на Дејзи Даркер се собира на забавата за 80-тиот роденден на баба ѝ (нана) во нејзината готска куќа на малиот остров. Конечно повторно заедно за последен пат, кога ќе надојде плимата, тие ќе бидат отсечени од остатокот од светот на осум часа.
Семејството пристигнува, секој од нив носејќи ја својата тајна. Потоа, на полноќ, додека беснее невреме нана е пронајдена мртва. А еден час подоцна, убиен е уште еден член на семејството.
Заробени на остров каде што некој ги убива еден по еден, членовите на семејството Даркер мора да се пресметаат едни со други за нивните тајни од минатото, но и од сегашноста.

Ова е втора книга од Алис Фини која ја читам и базирано на она колку ми се допадна првата, имав високи очекувања и за оваа. Во моментот кога читав коментари на Goodreads не ми беше јасно од каде толку ниски оценки, зашто искрено кажано самата кратка содржина, па и почетокот на книгата не ми делуваше воопшто лошо. Од тие причини очекував уште една добра книга од Алис Фини, но на крајот од мене доби две ѕвездички.
Самиот почеток и патот по кој се движевме низ приказната ме убедуваа дека ќе биде ова уште еден добар трилер. Големо семејство каде членовите одамна се во лоши односи, секој од нив носејќи тајни од минатото, конечно се собира за јубилејниот роденден на бабата која верува дека ѝ е последен, барем според она што ѝ го имаат предвидено во младоста. Ги собира сите во нејзината куќа со намера да се решат некои неразјаснети работи. Притоа, во тој момент решава да им го прочита тестаментот со кое го распределува нејзиното богатство, што предизвикува незадоволство кај нејзините наследници.
Раскажувањето оди во две временски рамки – паралелно се дадени настаните од сегашноста кои се случуваат таа ноќ, а притоа се дадени настани од минатото преку прераскажување од страна на Дејзи. На тој начин се надополнуваа деловите од приказната, па оние работи кои ми создаваа прашалници, ми се разјаснуваа попатно. На моменти раскажувањето ми се чинеше бавно, можете да претпоставите и зошто – настаните се случуваат во текот на една ноќ, па мораше дејствието да е развлечено во тие неколку часа. Сепак, најголемата причина поради која јас ја оценив со две ѕвездички беше расплетот. Воопшто не ми се допадна и мислам дека да беше поинаков, со сигурност ќе ја оценев со најмалку 3 ѕвездички. Разврската, објаснувањето, позадината на целата приказна – сето тоа за мене беше многу лошо склопено.

Секако, ова не е причина да престанам да ја читам Фини, сигурно ќе ѝ дадам шанса и на некоја друга нејзина книга.

Би можело да ти се допадне и ова...