Tom Lake – Ann Patchett

Пролетта 2020 година, трите ќерки на Лара се враќаат во семејниот овоштарник во северен Мичиген. Додека берат цреши, тие ја молат нивната мајка да им ја раскаже приказната за Питер Дјук, познат актер со кој таа како млада девојка ја делела и сцената и креветот во театарот Том Лејк. Додека Лара се присетува на минатото, нејзините ќерки го испитуваат сопствениот живот и односот со нивната мајка, а притоа се принудени да го преиспитаат светот и сè што мислеле дека знаат.
Том Лејк е приказна за љубовта од младоста, брачната љубов и животите што родителите ги имале пред да се родат нивните деца. И надежно и елегично, истражува што значи да се биде среќен дури и кога светот се распаѓа.

Прво нешто што имам да го кажам за книгава е дека ако случајно имате прилика да ја преслушате аудио верзијата, чиј наратор е Мерил Стрип, веднаш да го сторите тоа. Мерил би ја слушала дури и да ми чита рецепти за морски специјалитети (патем, не јадам морска храна). Таков силен печат удира со својот глас и нараторски вештини, што едноставно е невозможно ликот на Лара да го замислите поинаку. Се обидував, навистина беше така, но штом ја слушнав во глава ми се залепи Мерил во „Мама миа“ и толку беше. Во текот на целото слушање ја замислував баш така. Мерил не е само наратор, таа буквално ги игра сите ликови во книгата со една таква леснотија и прекрасна енергија, што прави целосно да потонете во длабочините на оваа семејна приказна.
Навистина уживав во книгава. Не само што нарацијата беше феноменална, туку и приказната беше топла, светла и одлично раскажана низ зборовите на Ен Пачет. Сцените беа живописни и пред себе како да гледав цел филм додека ја слушав. Беше вистински времеплов во убавата младост на Лара чиј живот во сегашноста е многу поинаков од тоа што некогаш го сакала и замислувала за себе. Сепак, попатно ја пронаоѓала убавината во сите нешта кои ѝ ги приредил животот.
Ја препорачувам.

Би можело да ти се допадне и ова...