„Сосед од пеколот“ – Р. Л. Метјусон

Хејли е тивка, кротка девојка која нема многу луѓе и задоволства во својот живот, па ужива во малите работи кои ја исполнуваат: нејзината работа како професорка во средно училиште и нејзината прва самостојно купена куќа со прекрасна градина.

Меѓутоа, се случува една работа која ѝ ги уништува и тие мали задоволства и ѝ го протресува целиот живот од корен. Во соседната куќа се доселува вистински ѓавол! Гласна музика, нездрави забави, пијани друштва, кршење прозорци со палки и топчиња за голф… Џејсон Бредфорд е вистински сосед од пеколот. И како тоа да не е доволно, тој исто така е професор во средното школо каде што предава Хејли, па ѝ го уништува животот и додека се на работа…

Срамежливата Хејли е мирна и повлечена, но нема избор освен да му објави соседска војна… Но и Бредфорд има свои оружја, а тие се опасни во војна против која било жена. Неодоливиот сосед не се плаши да нападне со својот шарм и пеколно добриот изглед пред кои потклекнуваат и многу посилни жени од Хејли…

Кога ја купив книгава знаев дека можам да очекувам лесна чик-лит книга, во стил каков што веќе имам читано – барем така ми беше претставена заедно со препораката 🙂 Ќе бидам супер искрена овде и ќе кажам дека не беше my cup of tea. Всушност, не е дека не читам чик-лит, одвреме навреме сакам да се релаксирам со некоја лесна книга, додека паралелно читам или слушам некој трилер да речеме, но конкретно оваа не ми се допадна. Се двоумев колку ѕвездички да ѝ дадам, ама на крајот морав да бидам малку скржава и да ѝ дадам само две, затоа што ако ја споредам со други книги кои ги имам оценето со три ѕвездички, оваа ми се допадна помалку.
Од каде да почнам… Вака кога ќе размислам и кога ќе ја анализирам, приказната и не е толку лоша. Згоден дечко, мирна девојка, по некоја низа на околности се соседи, ама не се поднесуваат. Старт кој ветува лесна и интересна лимонатка. Да речеме дека и можам да замижам пред тоа колку брзо се одвиваа настаните, дури на моменти имав чувство дека ми недостасуваат страници од книгата, затоа што things escalated quickly 😀 Има неколку експлицитни секс-сцени, но и тоа не ми пречеше.
Веројатно најголемата причина поради која не ми се допадна книгата беа ликовите. Не само што не ми беа допадливи, туку ми беа во крајност одбивни. Постојано ме следеше чувство дека читам за некакви детски игри на недораснати тинејџери… Постапките, размислувањата, меѓусебните дијалози – ништо од тоа не можев да го вметнам во нивните рамки на возраст и ментален склоп. И не е дека таква е самата книга, самиот жанр, затоа што и во чик лит може да има бомбастични ликови на чии фрази ќе се навраќате да ги препрочитате од што се толку добри 😀

Знам дека има многу читатели на кои им се допаднала книгава, само ете, јас не сум една од нив 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...