Alex Cross Series (#1-4) – James Patterson

Морам да признаам дека не сум од оние читатели кои преферираат серијали, некако ме изморува и ми здосадува читањето на приказни за еден ист лик, колку и да се различни и посебни. Ама ете, овојпат нешто многу ми се допадна кај Алекс Крос, па откако го прочитав првиот дел од серијалот, веднаш продолжив со вториот, па третиот, па четвртиот… Мислам дека немаше да има поента да пишувам посебни статии за секоја од овие книги, па затоа решив да ги спојам во една.


Сите книги ги слушав во аудио формат и од некоја непозната причина на почетокот главниот лик го замислував како Том Хенкс 😀 Можеби на моменти гласот на нараторот ми наликуваше на него, но реалноста е сосема поинаква, почнувајќи од тоа дека Алекс Крос е всушност црнец 😀 Но, во текот на слушањето ја сменив перцепцијата 🙂


Како што ги слушав една по друга, така деловите од серијалот ми се допаѓаа сè повеќе – вториот дел ми беше подобар од првиот, третиот ми беше подобар од вториот, а четвртиот можам да кажам дека ми беше тука некаде со третиот, можеби затоа што предвидов неколку клучни моменти. Ова обично ми се случува кога некое време читам конкретен автор – почнувам да му ги предвидувам потезите во книгите, па така се случи и овојпат, што беше причина да паузирам малку од приказните за Крос.


Сите делови можат да се читаат засебно, не се поврзани, но секако дека најмногу ќе извлечете од нив ако ги читате редоследно. Во продолжение ќе оставам кратка содржина за секој од првите четири делови.

  1. Along Came a Spider
    Исчезнато девојче по име Меги Роуз… тричлено семејство брутално убиено во Вашингтон… убиство на наставничка во основно училиште… сето ова е дело на сериски убиец со кого ниту полицијата, ниту тајните служби, па ни ФБИ не можат да се справат, дури и откако ќе биде фатен.
    Гери Сонеџи сака да го изврши злосторството на векот, а од другата страна против него е застанат Алекс Крос – брилијантниот детектив чија експертиза се убиствата. Џеси Фланаган е првата жена надзорник на Тајната служба. Таа и Алекс ќе имаат забранета љубовна врска – во најлош можен момент за двајцата. Последното од грозните злосторства кое Сонеџи го прави е на теренот на Алекс Крос и се случува под носот на Џеси и нејзиниот тим.
    Алекс се соочува со крајниот тест: како да надминеш брилијантен психопат?
  2. Kiss the Girls
    Во Лос Анџелес е убиен репортер кој истражува серија убиства. Во Чапел Хил, Северна Каролина, една убава стажантка по медицина одеднаш исчезнува. А во Вашингтон, Крос треба да го најде решението за најзбунувачкиот и најстрашниот случај на убиство досега. Двајцата убијци кои се во игра соработуваат, но и се натпреваруваат. Дали Алекс Крос ќе одговори на предизвикот?
  3. Jack & Jill
    Во сред ноќ, контроверзниот американски сенатор е пронајден убиен во неговиот кревет во Џорџтаун. Полицијата открива само една трага: мистериозна порака потпишана од „Џек и Џил“ која навестува дека ова е само почеток. Двајцата сакаат да ги добијат богатите и славните. Нема да застанат пред ништо додека не се реализира нивниот ѓаволски план.
    Во меѓувреме, детективот Алекс Крос во Вашингтон е повикан на местото на злосторството кое се случило недалеку од неговиот дом. Жртвата е прекрасно девојче, дивјачки претепано и оставено пред основното училиште во кое учи синот на Крос.
    Дали е можна врска меѓу убиствата? Додека Крос се обидува да ги спои парчињата, убиецот, или убијците, повторно се впуштаат во нивната игра. И повторно. Никој во Вашингтон не е безбеден – ниту децата, ниту политичарите, дури ни претседателот на САД. Само Крос има вештини и храброст да го реши случајот, но дали ќе ја открие вистината навреме?
  4. Cat and Mouse
    Токму во моментот кога Алекс Крос почнува да чувствува дека животот е убав и конечно излегува од депресијата во која се наоѓа по смртта на неговата сопруга, тој е повикан на железничката станицата Унион каде еден човек почнува да пука по толпата случајни минувачи. Психопатот Гери Сонеџи очигледно сака да го достигне врвот на неговата слава и сака токму Алекс Крос да биде таму кога тоа ќе се случи. Дали ова ќе биде последната пресметка?

Би можело да ти се допадне и ова...