„Седумте сестри“ – Лусинда Рајли

Книгава ја купив како мачка во вреќа – без прочитана кратка содржина, оценки, или било какви коментари и критики. Едноставно, решив да верувам во Лусинда, зашто барем досега – не ме разочарала.

„Седумте сестри“ е првиот дел од серијалот од седум книги, секоја од нив посветена на една од сестрите. Првава книга ја раскажува приказната на Маја. Таа заедно со нејзините сестри се враќа во семејниот дом во Швајцарија, откако дознаваат дека нивниот татко, кој ги посвоил кога биле бебиња, ненадејно починал. За секоја од нив, таткото оставил писма како почетна точка од која тие можат да тргнат да го бараат своето биолошко семејство. Писмото ја носи Маја во Рио де Жанеиро, во потрага по своите корени.

Книгава беше едно многу убаво патување низ интересна приказна, маестрално раскажана 🙂 Отсекогаш ми се допаѓал стилот на Лусинда, секогаш е доволно детална за да ја долови целосната слика, но не премногу за да биде досадна. Во глава ми се одвиваше цел филм додека ја читав и секоја сцена ми беше многу лесно да ја замислам. Приказната ме носеше од сегашноста во минатото, од Швајцарија, во Рио и Париз, од Маја до Изабел, нејзината прабаба. Ми се чини дека немам читано книга од Лусинда во која нема историска жичка 🙂 Ама секогаш многу успешно го прави спојот меѓу две временски рамки. Стандардно за нејзините книги – и во оваа имаше многу ликови чии животни судбини беа испреплетени една со друга. Секоја од нив беше интересна, оригинална и нималку предвидлива.
На почетокот ми се вртеа многу прашања низ глава, имав многу нејасни работи, ама како што привршуваше книгата, така работите се местеа на свое место и веќе сè стануваше многу логично 🙂Единствено не ми се допадна тоа што крајот не одговори на сите прашања, туку беше оставен простор за останатите книги, па сега ќе морам и тие да ги читам 😀 Веќе се пуштив во потера да ги најдам онлајн, ама во секој случај засега ќе одморам малку од оваа приказна.

Патем, морам да го пофалам и преводот! Беше вистинско задоволство да читам на македонски јазик 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...