„Полноќна роза“ – Лусинда Рајли

Почеток на 20-ти век, Индија: единаесетгодишната Анахита која потекнува од благородно, но осиромашено семејство, се спријателува со принцезата Индира која ја придружува каде и да оди. Непосредно пред избувнувањето на Првата светска војна, тие две заминуваат на патување во Англија, каде се сретнуваат со младиот Доналд Астебери, наследник на величествен имот. Анахита и Доналд се вљубуваат еден во друг, но разликите меѓу нивното семејно потекло, не им дозволува да бидат заедно.

Деведесет години подоцна, Ари Малик, правнукот на Анахита, тргнува во потрага по своите семејни корени, обидувајќи се да открие што се случило со неговите предци. Она што тој го дознава, почнува да ги разоткрива мрачните тајни што ја прогонуваат династијата Астебери.

Ова е книга која ми остави толку позитивни впечатоци, што скоро и да немам некаква замерка.

Прво, многу ми се допадна стилот на пишување. На моменти ми се чинеше како поезија да читам, толку внимателно беа одбрани зборовите. Второ, ми се допадна како беа споени сите парчиња од приказната, како се надоврзуваа едно за друго, за на крајот целосно да ја комплетираат.

Очигледно животот во Индија и Англија во почетокот на 20-тиот век ѝ била добро истражена тема на Рајли, а освен тоа умешно успеала да создаде слика од она што тогаш се случувало таму.

За мене Анахита беше центарот на целата книга, во двете временски рамки. Во првата ја читавме нејзината приказна, а во втората го гледавме влијанието што го направи врз останатите ликови, четири генерации подоцна. Останатите беа само ликови засегнати од нејзината судбина и чиј живот се промени откако ги споија коцките и дознаа што всушност се случило.

Критиките за книгава што ги читав на goodreads, најмногу се однесуваа за поглавјата кои се случуваат во сегашноста – дека имало многу непотребни работи, дека приказната била развлечена. Ама мене книгава во целост ми се допадна, во ниту еден момент не ми беше досадна. Единствено што ми пречеше беше тоа што имаше премногу ликови кои на некаков начин беа поврзани меѓу себе, па во глава морав да цртам стебло за да ги поврзам сите еден со друг. Малку тоа ми беше збунувачки, па на моменти си се прашував: Чекај, чија мајка/баба/прабаба беше оваа? 😀

Не очекував дека толку ќе ме потресе, ама додека го читав крајот како да се скрши нешто во мене… Си го превртев целиот филм за сѐ она што ѝ се случувало на Анахита во текот на животот, за тоа колку болка видела, ама и покрај сите удари, останала истрајна. Многу се приврзав за нејзината приказна, страшно допадлив лик, а книгава сигурно нема да биде меѓу оние кои за брзо време ќе ги заборавам.

Би можело да ти се допадне и ова...