„Тој и таа“ – Алиса Фини

Ако секоја приказна има две страни, значи едниот секогаш лаже.
Џек: Има неколку збора кои можат да ја опишат мојата сопруга. Прекрасна. Амбициозна. Неспособна да прости.
Ана: Мене ми е доволен само еден збор за да го опишам мојот сопруг. Лажливец.
Ана конечно го има она што долго го посакува. Со многу напорна работа за да стане главната водителка на вести во BBC, со многу направени жртви во поглед на пријателите, семејството, па дури и сопругот – кој сега веќе ѝ е бивши сопруг. Па кога некој станува закана за работата од нејзините соништа, таа е подготвена речиси на сѐ за да не ја изгуби. Кога ја испраќаат да оди да известува за убиство во Блекдаун – малото мирно гратче каде што пораснала – таа не сака. Но се покажува дека жртвата е нејзина пријателка од детството па нема избор. Наскоро таа не е само новинар кој известува за приказната, туку е во сржта на истата.
Детективот Џек Харпер е сомничав за инволвираноста на Ана во случајот. Но и тој крие нешто и не кажува дека ја познавал жртвата, сѐ додека не почне да сфаќа дека и самиот станува осомничен во сопствената истрага. Еден од нив двајцата знае повеќе отколку што признава. Некој не ја кажува вистината…

Прво нешто што ќе го кажам за книгава е дека ништо не е онака како што изгледа. Уште од самиот почеток кога навлегов во приказната, почнав да ги градам каактерите во глава, да правам претпоставки за она што се случило, се обидував да ги поврзам и да сфатам која е нивната конекција, со оглед на тоа дека Ана не само што се враќа во гратчето во кое израснала, туку и се враќа во едно нерасчистено минато. Многу ја менував насоката во која размислував додека ја читав, од причина што пресвртите ми беа неочкувани и ме фрлаа на сосема друга страна. Како улица по која возите брзо и одеднаш, без да има никаков знак, стигнувате до некоја полукружна кривина која тотално ве извртува од колосек 🙂
Ликовите се комплексни, а со нив и нивните меѓусебни врски. Приказните се преплетуваат и паралелно раскажуваат и Џек и Ана, па погледнувате различни перспективи на една иста ситуација. А тука е и третата перспектива – вистината 🙂 Во аудио форматот третиот наратор е со изменет глас, што ми беше крајно морничаво, особено кога ја слушав ноќно време.
Ќе признаам дека крајот не го предвидов. Имав разни можни сценарија во глава и таман што ќе помислев дека знам како ќе заврши, ќе се случеше некој неочекуван пресврт кој ќе ми го покажеше спротивното. Имаше некои моменти кои не ми се допаднаа, поради кои не ја оценив со чиста петка, но во секој случај ја препорачувам.

Би можело да ти се допадне и ова...