„Дејзи Џонс енд Д сикс“ – Тејлор Џенкинс Рејд

Сите ги знаат „Дејзи Џонс енд Д сикс“: албумот „Аурора“ на овој бенд ја дефинираше ерата на рокенролот во доцните седумдесетти и цела генерација девојчиња сакаа да бидат како Дејзи кога ќе пораснат. Но, никој не ја знае причината за распаѓањето на групата, една вечер по нивниот последен концерт на стадионот во Чикаго, на 12 јули 1979 година… сè досега. Дејзи е девојка на прагот на полнолетството во Лос Анџелес во доцните шеесетти години од минатиот век, која се прикрадува во клубовите на Сансет Стрип, спиејќи со рок-ѕвезди и која сонува да пее во „Виски а гоу-гоу“. Сексот и дрогата се возбудливи, но рокенролот е она што таа го сака најмногу. Кога ќе наполни дваесет години, нејзиниот глас ќе биде забележан, а нејзината зашеметувачка убавина ги предизвикува луѓето да прават луди работи. Паралелно ја следиме приказната за „Д сикс“, бенд предводен од меланхоличниот Били Дун. Вечерта пред нивната прва турнеја, неговата девојка дознава дека е бремена. Под притисок на претстојните татковство и слава, Били за време на турнејата комплетно откачува. Патиштата на Дејзи и Били ќе се вкрстат кога продуцентот сфаќа дека клучот на успехот е во нивното спојување. Она што следува понатаму станува легенда…

Книгава сакав да ја прочитам уште кога беше избрана за Книга на годината на Goodreads во категоријата Историска фикција за 2019 година. Кратката содржина е сè што имав прочитано за неа и многу ми е мило што се воздржав од читање коментари и рецензии, затоа што еден факт кој не го знаев допринесе многу кон мојот впечаток за книгата, а тоа е дека бендот, песните, настаните – сè е фикција.
Кога седнав да ја читам книгата, бев убедена дека се работи за вистински бенд, за вистински ликови, дека песните чиј текст го читам во пишана навистина постојат во звучна форма и едвај чекав да завршам со книгата и да изгуглам сè за да видам дали мојата замисла за ликовите била приближна до реалната, да ги слушнам песните, да видам како ликовите изгледаат денес. Ќе бидам искрена – малку се разочарав кога сфатив дека целата приказна е измислена 😀 Најблиското „оживување“ на приказната е мини серијата која е снимена по книгата и која секако планирам да ја гледам.

Стилот на пишување е навистина уникатен – нема наратив, туку целата приказна е прикажана во форма на интервјуа со членовите на бендот, нивни блиски пријатели и соработници. Најпрво мислев дека само почетокот е таков, но кога ја пролистав книгата сфатив дека целата е таква. Искрено кажано на почетокот бев скептична дали ќе ми се допадне, но ме изненади тоа колку лесно се кроеше приказната низ раскажувањата. Можам да разберам зошто некому не би му лежело таквиот стил, но јас немав никаков проблем, зашто многу лесно си ги сместив ликовите на столче за интервју, а целиот концепт ми наликуваше на документарец за бендот. Мора да признаете дека е голема умешност да се изведе такво нешто во форма на книга и за тоа ѝ подавам рака на Тејлор. Во раскажувањата на настаните се надополнуваат членовите на бендот, па така за некоја случка наизменично добивате различна перспектива во зависност од тоа кој раскажува. Настаните главно се фокусираат на подемот на бендот, нивните почетоци, постепени успеси, гледани паралелно со личните порази на членовите на бендот заради употребата на дрога и алкохол, сè до распаѓање на бендот.
Ми се допадна, брзо ја читав и за брзо се навикнав на стилот на кој е напишана. Ова е петта книга од Тејлор која ја читам и можам слободно да кажам дека ми се допадна најмногу од сите прочитани.

Би можело да ти се допадне и ова...