„Внимавај што посакуваш“ – Александра Потер

Хедер Хамилтон е девојка која има многу желби. Не само големи желби како мир во светот или состанок со Бред Пит, туку мали, секојдневни желби, посакани без размислување. Еден ден таа купува гранче за среќа во чија моќ почнува да верува кога ќе сфати дека секоја нејзина желба се остварува во истиот момент кога таа ќе ја посака. Одеднаш, таа повеќе нема лоша фризура, во Лондон престанува да врне, згоден Американец се јавува на огласот на која таа бара цимер, а во нејзиниот љубовен живот влетува Џејмс кој навистина е маж каков што таа отсекогаш посакувала.
Но, иако не изгледа така, се чини дека исполнувањето на сите нејзини желби само ја оддалечува од вистинската среќа.

Се сеќавам дека кога за прв пат дознав за книгава, можеби пред дестина години, судејќи по насловот мислев дека се работи за трилер 😀 Но, штом ќе го прочитате и името на авторот, веќе сè ви е јасно. Немам прочитано многу книги од Потер, но оние по кои сум посегнала или ми се погодиле, или па можеби не сум очекувала ништо посебно, па сум била пријатно изненадена. Меѓу чик-лит книгите секогаш може да се најде некоја приказна што не е толку клише и покрај жанрот, па во нив би ја вбројала и оваа. Целата идеја околу исполнувањето на секоја реченица која започнуваше со „Посакувам да…“ некако им даде интересен тек на настаните, па не ми беше досадна и посакувам да ја прочитав побрзо. Можам целосно да ја замислам во филм на Нетфликс 😀

Колку што успеав да дознаам, имаме македонско издание на Култура, но мислам дека веќе одамна е распродаден нејзиниот тираж. Доколку знаете каде би можела да ја најдам на македонски јазик, слободно контактирајте ме, бидејќи мислам дека книгава би била убав подарок за некој љубител на вакви лесни, романтични комедии 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...