Книгата преку која ја запознав Агата Кристи

Едно дамнешно лето пред многу години, во мини библиотеката во апартманот во кој престојувавме за време на летниот одмор, најдов колекција книги од Агата Кристи од која одбрав една за да ја читам на плажа. Беше тоа едно убаво издание со тврд повез на „Убиство во Ориент Експрес“.

Се сеќавам дека дотогаш Агата ја знаев по нејзиниот најпознат лик, Поаро, чии детективски авантури ги имав гледано во една играна серија на телевизија. Отприлика имав претпоставка што да очекувам од книгата, само што посакував некој да ме предупредеше дека таква книга не се чита на плажа, бидејќи лесно можеш да се занесеш во приказната и да се заборавиш под сонцето 😀 Вакви книги вообичаено брзо се забораваат, ама јас се сеќавам на многу моменти од книгата, вклучително и на моите реакции додека ја читав 😀

Во оваа приказна Поарно конечно заминува на долгопосакуваниот одмор во Истанбул, од каде за брзо време му јавуваат дека мора да се врати назад во Лондон. Тој во последен момент успева да најде место во преполниот Ориент Експрес, благодарение на неговиот пријател Бук, директор на меѓународна компанија за вагони. Во текот на ноќта, еден од патниците е дванаесет пати брутално избоден до смрт. Знаејќи колкав скандал ќе предизвика овој настан за угледниот воз, Бук го замолува Поаро да започне истрага. Откако целосно го прегледува телото на жртвата, Поаро го идентификува како Касети Речет – злогласен бегалец, виновен за убиство на три годишно девојче од Америка по име Дејзи Армстронг, наследничка од богато семејство. Својата истрага Поаро ја започнува со испрашување на секој од патниците поединечно, за на крајот да заклучи дека секој од патниците е некако поврзан со семејството Армстронг.

Невозможно е да не правите претпоставки во текот на читањето, но однапред да ве предупредам дека крајот нема да го предвидите 🙂 Читањето тече лесно, страница по страница, без да се заситите од мистериозноста и неизвесноста на секое поглавје. Кога веќе ќе навлезете во приказната, нема да можете да ја испуштите од раце додека не ја прочитате.

Би можело да ти се допадне и ова...