Книги за кои не сте знаеле дека се инспирирани од вистински приказни

Иако при пишувањето ги води личната имагинација, многу често всушност писателите се инспирирани од вистински приказни од кои потоа се раѓаат идеи за книги 🙂 Книги кои иако ги сместуваме во категоријата фикција, сепак содржат елементи од настани кои навистина се случиле. Од долгата листа на вакви книги, одвоив шест кои се преведени на македонски јазик, а зад кои можеби не сте знаеле дека се кријат вистински приказни.

„Страници за нашата љубов“ – Николас Спаркс

Речиси е невозможно да не сте слушнале за оваа книга, или барем за филмот со Рајан Гослинг и Рејчел Мекадамс, под оригинален наслов “The Notebook”. Романтичната приказна за Ноа и Али е всушност инспирирана од бабата и дедото на поранешната сопруга на Спаркс, чија љубов траела повеќе од 60 години. На неговиот личен блог, Спаркс го раскажува моментот кога бил инспириран за да го напише еден од неговите најпопуларни и најпродавани романи.

„Украдениот брак“ – Дајен Чемберлен

Приказната на Чемберлен во која главниот лик Тес станува медицинска сестра во болницата во гратчето Хикори во Северна Каролина, е инспирирана од вистински настан – во 1944 година се јавила страшна епидемија на полио, а жителите на ова гратче изградиле привремена болница за 54 часа. Чемберлен дознала за овој настан кога се преселила во Северна Каролина, 12 години пред да ја напише книгата, во која потоа преку фиктивни ликови ја вклопила приказната за Хикори.

„Светот не е фабрика за исполнување желби“ – Џон Грин

Уште една книга со која сигурно сте запознаени, а за која исто така беше сниман и филм. Продадена во милионски тираж, овој роман на Џон Грин ја следи болната судбина на Хејзел и Августус – двајца тинејџери кои се запознаваат во групата за поддршка за болни од рак. Грин бил инспириран од приказната на Естер Ерл, која починала од рак на тироидната жлезда во 2010 година, на 16-годишна возраст. Грин и Естер биле пријатели, а тој неа ѝ ја посвети книгата која беше објавена по нејзината смрт.

„Совршената дадилка“ – Лејла Слимани

Кога во 2012 година целиот свет ја сподели шокантната вест за дадилката која ги убила двете деца за кои се грижела, Лејла Слимани знаела дека ја има приказната за нејзиниот роман. Од Менхетен, каде дадилката ги избодела до смрт двете деца, Слимани дејствието за нејзината книга го сместува во Париз. Откако ја прочитала веста, таа почнала да истражува за сите убиства на деца во Франција кои ги извршиле нивните дадилки, склопувајќи делови од различни приказни за да дојде до онаа која ѝ донесе многу награди и продадени примероци.

„Девојките“ – Ема Клајн

Озлогласениот американски водач на култ, Чарлс Менсон, кој беше осуден за повеќе убиства, беше инспирацијата за Ема Клајн да го напише нејзиниот дебитантски роман. Растејќи во северна Калифорнија, Ема уште од мала ги слушала приказните за Менсон, за потоа на нејзина 27 годишна возраст, да го напише првиот роман кој зборува за врските во еден култ и околностите кои доведуваат до убиства.

„Сјаење“ – Стивен Кинг

Ооо да, имаме и хорор на оваа листа 😀 Во 1973 година, Стивен Кинг престојувал во Stanley Hotel на една вечер со неговата сопруга, каде што наводно биле единствените гости. Сепак, Кинг не верувал во тоа дека се сами и постојано имал чувство дека хотелот е опседнат, а ноќта имал кошмар. Ова му било инспирација да ја напише книгата „Сјаење“, а хотелската соба во која престојувал, бр. 217, останала да биде најбараната соба во хотелот од гостите кои доаѓале да престојуваат.

Би можело да ти се допадне и ова...