A Time for Mercy – John Grisham
Популарниот лик во трилерите на Гришам, Џејк Бриганс, повторно е во акција. Овој пат тој е во жариштето на сензационално судење за убиство кое горко ги дели граѓаните на Клентон, Мисисипи.
Имено, Џејк од судот е назначен како адвокат на Дру Гембл, тинејџер обвинет за убиство на полициски старешина. Многумина во Клентон сакаат брзо судење и смртна казна, но Џејк на целата ситуација гледа од поинаква перспектива. Откако ќе ги дознае деталите за случајот, сфаќа дека мора да стори сé што може за да го спаси Дру кој има само шеснаесет години. Посветеноста на Џејк ја става на ризик неговата кариера и безбедноста на неговото семејство.
Ако сте читале барем еден од најпознатите трилери на Џон Гришам, или сте изгледале некој филм направен по неговите книги, тогаш ќе знаете што да очекувате.
Работите се прилично јасни уште од самиот старт – се знае кој го извршил убиството, како и од кои причини. И тука нема никаква мистерија. Нема заплеткани игри, можни сценарија, наведување на читателот од една кон друга страна, шокирачки пресврти… Работите се сосема чисти од тој аспект. Дејствието всушност во најголемиот дел од книгата се одвива во судница и прашањето е едно – дали Џејк ќе успее да го извлече Дру од смртна казна.
Џејк ја знае позадината на она што се случило, ги знае мотивите на Дру, но неговата умешност како адвокат ќе биде како сето тоа да ѝ го претстави на поротата која треба да ја убеди дека иако Дру го извршил злосторството, треба да биде ослободен. Главната игра во суштина е меѓу Џејк како адвокат на обвинетиот, наспроти јавниот обвинител. Фактите се факти, но многу зависи какво светло ќе фрлите врз нив. Иако настаните се одвиваат во судница, сепак коцките од целосната приказна се спојуваат преку сведочењата во случајот, па читателот добива реална слика за она што се случува(ло).
Мене ми се допаѓа стил на пишување на Гришам, можеби и поради фактот што сум правник, па секогаш ми се интересни ваквите книги/филмови/серии, но ќе признаам дека не секој може тоа добро да го изведе. Сепак, кога станува збор за Гришам, тој очигледно умешно плови во неговите сигурни води, ова е стил коj му лежи, па и оваа книга не беше исклучок од неговите успешни трилери.
За крај, навистина морам да ја пофалам аудио верзијата на Penguin Random House. Нараторот беше апсолутно неверојатен! Ова е со сигурност најдобрата аудио книга која воопшто сум ја слушала, а имам преслушано многу. Ниту за момент нема да ви дојде мисла дека во секој од тие различни ликови го слушате истиот човек. Одлично го интерпретираше секој лик поединечно, иако тие се разликуваа и по пол, и по возраст, и по раса, а имаа и различни акценти. Притоа мошне успешно ги доловуваше сите нивни емоции. Фантастична е аудио книгата, ако имате прилика да бирате меѓу печатена/е-книга и аудио – одберете ја втората опција 🙂