Книги од кои (не) би се откажала

Во пресрет на еден настан за размена на книги, почнав да ја анализирам мојата домашна библиотека со цел да одберам барем две-три кои ќе ги понесам со мене. За сите оние кои не присуствувале на размена на книги, еве едно мало објаснување – посетителите со себе носат книги, а потоа ги разменуваат меѓу себе. Па така, се откажувате од една своја книга, на сметка на некоја друга која не сте ја прочитале. Давате книга – добивате книга.

Кога почнав да ги разгледувам моите книги, од старт ги елиминирав оние кои не сакам да ги подарам. Тоа се книги кои ми се особено драги – некои затоа што сум ги добила на подарок од блиски луѓе, со убава посвета испишана на првата страница, а некои што сум ги купила сама, но ми се допаднале толку многу, што сакам да ги зачувам за себе. Некои од нив би ги читала повеќе пати, на пример „Сенка на ветрот“. Сè уште сум во потрага по „Играта на ангелот“ и „Заточеник на небото“ како продолженија, но решена сум да ги најдам и да ја комплетирам трилогијата. Иако многу ми се допадна, „Седумте сестри“ не би ја читала повторно, но сакам да ја зачувам, со мисла дека можеби еден ден ќе ги имам сите делови од серијалот на Лусинда Рајли.
Книги од кои би се откажала, но истовремено и би ги препорачала се „Септемвриски светлини“ и „Полноќна палата“. Не верувам дека повторно би ги читала, но ми се допаднаа, како и сè друго прочитано од Зафон. Ако ја имав и „Принцот од маглата“ за да можам да ја комплетирам трилогијата, можеби и ќе ги задржев. Но, во оваа ситуација, овие две ќе ги предадам на некој љубител на мистериозни и мрачни приказни 🙂 „Загубената ќерка“ е книга која исто така многу ми се допадна, но за жал преводот беше лош, па поради тоа мислам дека не е издание кое е доволно вредно да го задржам. „Кошмар“ се најде меѓу книгите кои би ги подарила, затоа што сигурно нема повторно да ја читам – не затоа што беше лоша книга, туку затоа што трилерите не се книги кои сакам да ги читам по втор пат. Целата суштина на овој жанр е да те држи во неизвесност и да те изненадува со ненадејните пресврти, а сето тоа отсуствува во второто читање кога веќе ги знаеш настаните.

По деталната анализа на книгите кои ги поседувам, одбрав неколку наслови од кои би се откажала во замена за нови. Доколку никогаш не сте присуствувале на ваков настан за размени на книги, топло ви препорачувам да појдете, зашто не само што ќе се подновите со нови книги без да потрошите денар, туку и ќе имате прилика да се дружите со други читатели и да разменувате мислења за автори и книги.

Би можело да ти се допадне и ова...