Книги за сите љубители на кафето

Веројатно повеќето ќе се сложат со вас дека читањето книги добро оди во комбинација со некоја топла напивка, особено кафе 🙂 Неодамна објавив статија за сите љубители на храната и готвењето, а сега по повод меѓународниот ден на кафето, решив да одвојам наслови на книги за сите љубители на неговото височество 😀

Од одбраните наслови низ кои се провлекува мирисот на кафето, да започнеме прво со оние кои се преведени на македонски јазик.

„Среќните луѓе читаат и пијат кафе“ – Ањес Мартен-Лиган

Сопруга, мајка и сопственичка на кафе-книжарницата Среќните луѓе читаат и пијат кафе во Париз, се чини дека Дијан има совршен живот. Но ненадејно ќе ги изгуби саканиот сопруг и ќерката и сè одненадеж застанува. Сè освен нејзиното срце, кое и натаму упорно и болно чука. Изгубена во спомените, таа повеќе не знае како да живее…

По една година ќе ги шокира семејството и пријателите одлучувајќи да се пресели во едно село на ирскиот брег. Конечно решена повторно да го изгради својот живот – сама. Таму ќе го запознае Едвард, таинствениот фотограф од соседството. Ќе си дозволи ли повторно да сака? Ќе го надвладее ли стравот дека со новата љубов ќе ги изневери саканите кои веќе ги нема?

„Кафулето зошто“ – Џон П. Стрелецки

Џон зема еднонеделен одмор и тргнува на пат, некаде каде што ќе може да избега од едноличноста што веќе почнува да го заморува. Изгубувајќи се и останувајќи без бензин, гладен и бесен, заталкува во некое пусто, ненаселено место. Одненадеж, патот ќе го однесе до едно необично кафуле. Во него, на задната страница од менито, ќе прочита три прашања кои ќе се надоврзат на неговото што сè почесто си го поставува: зар животот нема ништо друго да ми понуди?

Зошто си тука?
Се плашиш ли од смртта?
Дали се чувствуваш исполнет?

Тоа се трите навидум бесмислени и чудни прашања до чии одговори ќе се потруди да дојде разговарајќи со вработените во Кафулето Зошто си тука. Одговорите што ќе ги добие ќе му го сменат животот од корен.

„Крадецот на кафе“ – Том Хиленбранд

Во 1683 година Европа е преплавена со нова напивка. Кафе. Насекаде е барана, но монополот е во рацете на Османлиското царство. Еден млад Англичанец смислува план како да ги земе тие скапоцени зрна…
Европејците долго време гледале со презир кон кафето и повеќе сакале да пијат пиво. Дури кон крајот на XVII век, лондонските филозофи, амстердамските трговци со зачини и париските поети се собираат по кафеаните за да уживаат во таа егзотична напивка.
Прекрасни описи на боите, мирисите и звуците на Амстердам, Лондон и Мока, со нивните улички, кафеани, печатници, книжарници. Чудесни и раскошни слики во букви и зборови.
Историски роман, со многу факти и податоци, прекрасна нарација и волшебна фикција.

“Das Café unter den Linden” – Joan Weng („Кафулето под липите“)

Пролет 1925 година: Кога Фрици пристигнува во Берлин, таа не носи ништо повеќе од своето скршено срце, машина за пишување и нејзиниот сон: да напише сценарио за филм. Во заслепувачката метропола, таа брзо се наоѓа во круг на сликари, писатели и музичари кои го слават животот и уметноста. И тогаш, таа се среќава со човек кој ќе промени сè, засекогаш. Во едно кафуле под липите…

The Little Coffee Shop of Kabul – Deborah Rodriguez

Ова е книга која ја раскажува приказната за едно извонредно кафуле во срцето на Авганистан и мажите и жените што се среќаваат таму – споени заради истите животни околности, врзани со тајни и обединети во извонредно пријателство.
После лошата среќа и неколку неправилни одлуки, Сани конечно наоѓа место кое може да го нарече свој дом – само што, се случува тоа место да е среде воена зона. Во симпатичниот локал во Кабул, таа со гостопримство ги пречекува доселениците, губитниците, мисионерите и платениците кои го пречекоруваат прагот на кафулето. Иако деновите се напорни, таа е благодарна што на тој начин може да заборави на Томи, љубовта во нејзиниот живот, кој ја оставил во потрага по пари и авантури.

Во кафулето доаѓа Изабел, британска новинарка која пишува сторија за војната; Џек, кој го оставил семејството во Мичиген за да заработи некој денар повеќе; и Кендис, богата Американка која има многу контакти и чија желба да им помогне на другите, ја прави наивна. Кога младата Авганистанка Јазмина е киднапирана и оставена на улица, бремена и сама, Сани ја пречекува во кафулето и ѝ дава дом. Но, Јазмина крие тајна што би можела да ги стави сите во опасност. Откривајќи дека постојат многу нешта кои ги поврзуваат, оваа група на мажи и жени формираат неверојатно пријателство кое ќе ги промени не само нивните животи, туку и животите на целата држава.

Би можело да ти се допадне и ова...