„Мраз студено“ – Тес Геритсен

Бостонската истражителка Мора Ајлс заминува во Вајоминг на медицинска конференција, каде среќава група пријатели и решава со нив да тргне на скијачки излет. Меѓутоа, комбето ќе им се заглави на завеан планински пат, а нема да има никаква помош.
Наближува ноќта, а виулицата станува посилна, па друштвото наоѓа засолниште во зафрленото село Небесното Кралство, со дванаесет сенишно идентични куќи, мрачни и напуштени. Во Небесното Кралство се случило нешто страшно: недовршено јадење стои во чиниите, а автомобилите стојат паркирани во гаражите. Жителите на селото како в земи да пропаднале, но трагите во снегот покажуваат дека некој и понатаму демне во студената темнина – некој кој ги набљудува Мора и нејзините пријатели.
Неколку дена подоцна, на детективката од одделението за убиства на Бостонската полиција, Џејн Риколи, ѝ стигнува вест дека е најдено јагленосано тело во планинската клисура, телото на Мора. Шокирана и ужалена, Џејн е решена да открие што точно се случило со нејзината пријателка. Истрагата ја води во заплетканото минатото на Небесното Кралство, каде што под снегот, ја чека страшна тајна. Додека се нижат морничави откритија, Џејн се приближува до моќниот и немилосрден противник, а се приближува и до морничавата вистина за судбината на Мора.

Одамна немав прочитано некој добар трилер, па мило ми е што се одлучив за наслов од последното купче книги кои ги купив 🙂 Купена по препорака, „Мраз студено“ беше токму она што го очекував – неизвесна приказна која почна едноставно, за на крајот мрежата на ликови и настани толку да се расшири, што нема ни да претпоставувате како ќе заврши.
Се воздржав од читање на кратката содржина, затоа што знаев дека ќе ми влијае врз генералниот впечаток и насоката на размислување, па бев потполно изненадена од текот на настаните. Сè што знаев за книгата беше насловот и корицата, па оставив да ме води раскажувањето, додека размислував за потенцијални теории од кои ниту една не се покажа како точна 😀 Целосно потонав во приказната, се исклучував од реалноста додека ја читав и вниманието не ми побегна ни за секунда. На моменти толку се внесов во раскажувањето, што некои сцени дури ми предизвикуваа мачнини… Навистина ми се допадна, особено затоа што бев гладна за добар трилер, а овој успеа да ме засити 😀 Можеби посакував и се надевав на поинаков крај, но тоа не влијаеше на мојата крајна оценка. Видов дека оваа книга е осмиот дел од серијалот на Геритсен, а откако ги разгледав останатите делови, сфатив дека сакам сите да ги прочитам 😀 Има доста интересни, сите се со високи оценки и многу позитивни коментари, така што многу веројатно повторно да се одлучам за некоја нејзина книга кога ќе бидам во потрага по добар трилер.

„Мора пријде до прозорецот. Надвор мракот беше како кадифена завеса, ги прикриваше сите тајни кои се кријат во долината. Нејзината фантазија, меѓутоа, ги дополни деталите кои не ги гледаше, ги обои со млазови крв и страв. Нешто ги натерало претходните жители од оваа населба да побегнат, да останат незаклучени врати, одворени прозорци, недовршено јадење…“

Би можело да ти се допадне и ова...