Нови трилер-наслови за ноемвриските денови

Ноември е на прагот, а тоа значи одлично време за читање – па, што друго да правите ако надвор е ладно и врне, а имате слободно време? – Без грижи. Тука се книгите, топлите напивки и меките прекривки 🙂 Доколку размислувате која следна книга да ја одберете, во продолжение одбрав 5 нови трилер-наслови кои можат да ви прават друштво во овие есенски денови.

The Neighbour – Fiona Cummins
Еден јулски ден, Гарик и Оливија Локвуд заедно со нивните две деца се преселуваат на 25-тата Авенија, во потрага по нов почеток. Во новиот дом, тие пристигнуваат среде медиумски метеж: убиецот кој стои зад убиствата во градот, сè уште е во бегство. Иако слушнале за оваа вест, Гарик и Оливија се сигурни дека убиецот ќе биде фатен и целиот кошмар ќе заврши. Покрај тоа, тие ја купиле куќата по многу поволна цена, па не сакаат да испуштат таква шанса. Сепак, нивниот сон за брзо се претвора во кошмар – во новото место на живеење, каде се чини дека сите имаат тајни, некој постојано го набљудува новото семејство…

A Nearly Normal Family – M.T. Edvardsson
Што ќе сторите ако вашето дете е обвинето за убиство?
Осумнаесетгодишната Стела е обвинета за брутално убиство на маж кој е скоро петнаесет години постар од неа. Таа е обична тинејџерка од извонредно семејство. Што би ја натерало да посегне по животот на постар бизнисмен?
Татко ѝ верува дека неговата ќерка е наместена. Мајка ѝ верува дека таа нешто крие. А Стела… таа верува дека нејзините родители немаат идеја за што таа е навистина способна.
Постојат три страни на приказната.
А вистината ќе го уништи нивното семејство.

The First Mistake – Sandie Jones
За Алис, животот никогаш не бил подобар. Со нејзиниот втор сопруг, таа има успешен бизнис, две деца и убава куќа. Таа знае дека нејзиниот живот би бил поинаков доколку нејзиниот прв сопруг не починал, но новиот почеток кој го има со Нејтан ја вратил нејзината среќа.
Преку многу подеми и падови во животот, среќни и тажни моменти, Алис знае дека покрај нејзината најдобра пријателка Бет, тие може да преживее сè. Па така, кога Нејтан почнува да се однесува чудно, Алис бара помош и се советува во Бет. Но, наскоро таа почнува да се прашува… дали може да ѝ верува?

I Thought I Knew You – Penny Hancock
Џулс и Холи се најдобри пријателки уште од студентските денови. Тие меѓусебно си кажуваат сè, споделувајќи ги и големите моменти и малите детали од нивните животи – Холи е единствената личност која знае за аферата на Џулс, а Џулс била покрај Холи кога нејзиниот сопруг починал. Покрај нивната дружба, и нивните две деца пораснале заедно.
Сепак, нивното топло пријателство се разнишува кога ќерката на Џулс ќе го обвини синот на Холи за сериозно злосторство. Ниту една од мајките не е подготвена за катастрофалното влијание што ова ќе го има врз нивното пријателство и нивните семејства. Особено што Холи, и покрај нејзините принципи, одбива да верува дека нејзиниот син е виновен.

The Daughter – Michelle Frances
Кога ќе остане бремена во нејзините тинејџерски години, Кејт е неподготвена, но е решена да ги донесе правилните одлуки за нејзината ќерка, покажувајќи ѝ ја љубовта која таа никогаш ја немала како дете. Животот како самохрана мајка е тежок, понекогаш невозможен, но ова само ги зближува Кејт и Беки. Во моментот кога Беки се пробива во светот на новинарството, Кејт не може ни да замисли да биде погорда на нејзината ќерка.
Но, кога ќе се случи нешто незамисливо, животот на Кејт се менува засекогаш. Очајно обидувајќи се да дојде до одговорот на некои прашања, Кејт се заплеткува во приказната која нејзината ќерка Беки ја истражувала. Дали е можно овој суров пресврт на судбината сепак да не е несреќен случај?

Би можело да ти се допадне и ова...