Mackenzie’s Mountain – Linda Howard

Мал град во Вајоминг е на пат да научи неколку лекции од новата професорка која доаѓа во местото. Таа е доволно храбра за да тргне да го освојува срцето на човек кој се заколнал дека нема што да ѝ даде на една жена.
Мери е самопрогласена „стара мома“ која нема никакви илузии за љубовта. Но, таа е добра професорка и се труди да го убеди синот на Волф Мекензи да се врати на училиште. А по една жестока расправија со таткото на момчето, таа знае дека тие двајца засекогаш ќе го сменат нејзиниот живот.
Сè уште плаќајќи за злосторство што не го сторил, Волф Мекензи носи етикета на себе за која знае целиот град. Но, Мери не го гледа Волф како опасниот „мелез“ како сите останати. Сè што таа гледа во него е добар, пристоен, искрен човек. Човек кој можел да сака…

Не се сеќавам како точно налетав на книгава, но е напишана од Линда Хауард која кај нас е позната со книгата „Избриши ги солзите“, но од старт ќе кажам дека оваа е сосема поинаква од таа книга.
Овојпат ја следиме професорката Мери која доаѓа во едно мало гратче каде веќе владеат некои правила со кои таа не се согласува и ќе проба да ги смени. Добар акцент од книгата е ставен на дискриминацијата и расисмот во гратчето кон американските староседелци, што го гледавме преку односот на заедницата кон Волф Мекензи и неговиот син кои имаа индијанско потекло. Не само што беа отфрлени од луѓето, туку и кон нив се покажуваше со прст за секоја неволја која го зафаќаше градот. Спознавајќи ги нив двајца вистински, Мери се обидуваше да ја промени перцепцијата која луѓето ја имаа кон Волф и неговиот син и одеше против сите „непишани правила“ во градот.
Мери како лик морам да признаам дека не ми легна толку на срце, на моменти дури се сомневав дека нејзините постапки не се иницирани од храброст, туку од наивност.
Што се однесува до ликот на Волф, разбирам дека требаше да има доза на мистериозност околу неговиот карактер, но сакав да го запознаам малку подобро како лик, вака ми остана недефиниран, да треба сега да го опишам – не би знаела како. Би можела да ги раскажам неговите животни околности, но не и да го опишам како лик.

Не знам од која причина, малку книгава ме потсети на оние на Лиса Клејпас, а можеби и малку зачестив со нејзините книги во последно време, па тоа е причината 😀

Би можело да ти се допадне и ова...