„Улицата на светулките“ – Кристин Хана

Кејт има прифатено дека засекогаш ќе биде обична и непопуларна летото кога, на нејзино воодушевување, „најголемата фраерка на светот“ се доселува во куќата преку улица и изразува желба да ѝ биде пријателка. Тали Харт има сè – убавина, интелигенција, амбиција. Тие навидум се тотално различни: Кејт, осудена вечно да биде непопуларна, со семејство кое би направило сè за неа. Тали, целата гламурозна и мистериозна, но со тајна што ја убива. Тие прават пакт да бидат најдобри пријателки засекогаш и до крајот на летото стануваат неразделни.
Напуштена од мајка си на рана возраст, Тали е очајна да му ја докаже својата вредност на светот и копнее за безрезервна љубов. Како што растат, така Тали слепо ги следи своите амбиции во Њујорк и низ светот, пронаоѓајќи слава, успех… и осаменост. Кејт знае дека нејзиниот живот нема да биде ништо посебно. Таа само сака да се заљуби, да има деца и нормален живот. Не е ни свесна колку животот како сопруга и мајка ќе ја смени… и колку ќе ѝ завидува на славната најдобра пријателка…
Триесет години заедно ги преживуваат бурите на пријателството и мислат дека можат да преживеат сè, но едно предавство ги разделува… и ги става на тест нивната храброст и нивното пријателство.

Книгите на Кристин Хана се баш my cup of tea и конкретно за оваа знаев дека ќе ми се допадне уште пред да почнам да ја читам. Не ни обрнав толку внимание на кратката содржина, што можеби беше и подобро, бидејќи немав некоја претстава за тоа што ќе се случува и најважното – во колкав распон е раскажана приказната. Ова ме потсети на Прашај ме повторно, ќе ти речам „да“, бидејќи и во таа книга, како и во оваа, не знаев како ќе заврши приказната, затоа што не знаев КОГА ќе заврши. Тука ќе кажам дека сакам вакви книги во кои ликовите ги следиме низ подолг временски период, бидејќи гледаме како се развиваат како карактери и како сите животни (не)прилики ги формираат како личности.
Во оваа приказна ги следиме Кејт и Тали, од нивните детски години кога се запознаваат и спријателуваат, потоа низ сите животни крстопати каде заедно го избираат патот по кој ќе одат, нивните дружби, но и тешки караници кога нивната пријателска врска беше ставена на тест. Карактерно беа различни, а имаа и различни животни околности, но сепак нешто ги спојуваше што ги правеше најдобри пријателки. Ги гледавме како растат и созреваат, како се соочуваат со многу проблеми и предизвици, како животот им подарува убавини, но и тешки периоди на бродоломи, подеми, но и падови – и на крајот, како сето тоа се рефлектираше врз нивната меѓусебна врска. На моменти ги сакав и имав желба да ги гушнам, а на моменти ме нервираа некои нивни постапки и сакав да им удрам по една „воспитна“. Во текот на читањето, сфаќаш дека и ти како читател низ целото патешетвие си се спријателил со нив, бидејќи впрочем такво е и вистинското пријателство – има убави, но и лоши денови.
Иако приказната е распослана врз три децении и можеби тоа се чини предолго и досадно, моето внимание го имаше во секој момент. Кристин Хана е навистина добар раскажувач и имав постојана желба да видам каде одат настаните и што ќе се случува понатаму. Приказната започнува во ’70-тите и е поделена на децении следејќи ги Кејт и Тали во различни периоди од нивните животи.

Ако сте љубители на Кристин Хана и на нејзиниот стил на пишување, ви ја препорачувам.

Би можело да ти се допадне и ова...