Ејлин Гоуџ и нејзините жени во бои

Пред неколку дена бирајќи книга за подарок, низ полиците во една книжарница налетав на една од поновите книги на Ејлин Гоуџ, „Жена во црно“, па се сетив дека имам прочитано две нејзини книги со кои ја запознав оваа писателка.

Морам да кажам дека бев пријатно изненадена и од двете книги што ги прочитав една по друга. Многу ми се допадна нејзиниот стил на пишување, имаше толку живописно раскажување, што имав чувство дека некои моменти ги доживувам и јас самата. Ми се допадна што и двете книги не беа премногу предвидливи, ниту претерано бајковити. Забележав дека некои работи и моменти се повторуваа во двете, дури имаше и исти имиња 🙂

Жена во сино ја следи приказната на Линдзи и Кери Ен – две сестри чија мајка е зависник од дрога. Поминувајќи го детството без соодветна грижа, двете сестри ги сместуваат во различни сиропиталишта откако нивната мајка ќе заврши во затвор. Губат секаков контакт, за после многу години повторно да се сретнат. Но, различните (не)прилики кои ги имале во текот на годините, направиле тие две да имаат сосема поинаков живот, до таа мера што тоа ќе почне да ги одалечува една од друга.

Ми се допадна приказната, солидно раскажана, без досадни моменти и непотребни настани. Мислам дека ништо не би сменила да ја пишував јас (а тоа ретко се случува, секогаш имам некаква замерка што сакам да ја сменам 😀 ). Ликовите беа одлично изградени и мене сите ми беа многу допадливи, немаше лик кој ме иритираше во текот на читањето.

Жена во црвено е интересен сплет на настани од минатото и сегашноста, откривајќи ги тајните и мистериите на различни генерации во едно семејство. Алис е жена пред чии очи е прегазан нејзиниот постар син. Изгубена од очај и болка, во еден момент на слабост, таа решава на истиот начин да му се одмазди на пијаниот возач. Тие неколку секунди ќе ѝ го променат животот засекогаш. По 9 години, таа излегува од затвор, соочувајќи се со далечината која нејзиното семејство ја чувствува кон неа. Во меѓувреме, нејзиниот помал син со кој се обидува да се зближи, е обвинет за силување.

Иако Жена во сино ми се допадна повеќе, сепак и оваа ми го задржуваше вниманието. Можеби во првата книга повеќе ми се допаднаа ликовите, па затоа повеќе ми се допадна и приказната. Но, во никој случај не е лоша ни оваа. И двете книги целосно ги прочитав во автобус, а оваа ја дочитував една станица пред онаа кај што треба да се симнам, па бев многу потресена за да видам како ќе заврши, а и за да не си ја пропуштам станицата 😀

Би можело да ти се допадне и ова...