„Мудар родител – време е за градинка“ – Хедвиг Монтгомери

„Мудар родител – време е за градинка“ е книга што е од суштинско значење за сите родители што имаат деца на возраст од две до шест години. Со неа ќе станете родител каков што отсекогаш сте сакале да бидете!
Психологинката и семејна терапевтка Хедвиг Монтгомери одговара на сите прашања поврзани со децата што се на предучилишна возраст: Што значи доброто воспитување? На кој начин детето расте и се развива преку играта? Колку е важно за детето да се дружи со другите деца? Дали караницата меѓу браќата и/или сестрите е опасна? Како да излезете накрај со неволите, бујната фантазија и со сите нови емоции што ќе го обликуваат детското секојдневје?
Во периодот кога одат во градинка, децата се многу љубопитни и тогаш го формираат односот кон светот што ги опкружува. Затоа вашата најважна задача е да допрете до нив и заедно да ги дискутирате доживувањата и искуствата со кои се соочуваат. Детето треба да сфати дека вие сте водич од доверба.

Откако најпрво ја прочитав „Мудар родител – среќно бебе“, а потоа и „Мудар родител – среќно дете“, знаев дека нема да сакам да пропуштам да ги прочитам сите книги на Монтгомери, па така стигнавме и до тој период – периодот за во градинка.
Преплашена од тоа како моето дете ќе ја прифати градинката, оваа книга беше првото прибежиште кон кое посегнав, знаејќи дека ќе ми влее чувство на сигурност, ќе ми одговори многу прашања и ќе ми разреши некои дилеми.

На почеток би сакала да нагласам дека темата со која се занимава оваа книга не се однесува единствено на моментот на тргнување во градинка, туку се фокусира на најразлични моменти од овој период од животот на детето, поточно од 2 до 6 години. Монтгомери се осврнува на развојот на емоциите на детето, несогласувањето со браќата/сестрите, тешкиот начин да се оствари поврзаност со врсниците, одвикнувањето од пелени, применувањето на казни, навики за спиење, зависноста и употребата од технологијата, сексуална злоупотреба… Дури оди дотаму што се осврнува и на меѓусебните односи на родителите и кризата во бракот која може да ја имаат во еден ваков „проблематичен“ период од животот на детето. Навистина опфаќа многу моменти врзани за оваа возраст – некои од нив воопшто не ми ни паднале на памет, па беше убаво насочување за мене.

Монтгомери има многу одмерен и сочувствителен пристап кон различни теми поврзани со децата на оваа возраст, дава конкретни насоки и ни посочува грешки кои ги прават родителите во воспитувањето на нивните деца, без притоа да остави чувство на вина кај оној кој можеби ќе се пронајде во нејзиното раскажување. На мошне едноставен начин, таа дава многу примери од реалноста, со разбирливо објаснување зошто конкретниот пристап е погрешен, на крајот давајќи пример како треба правилно да се постапи.

Навистина ми се допадна и верувам дека ќе продолжам да ги читам нејзините книги и во подоцнежните фази кои следуваат.

Би можело да ти се допадне и ова...