Midnight Rescue – Elle Kennedy

Аби Синклер имала ужасно детство сè додека не била спасена и посвоена од поранешен припадник на американската армија кој ја научил на многу техники и вештини за самоодбрана. Сега, таа е бестрашен платен убиец и е втурната во многу опасна задача, користејќи сè што има – нерви, издржливост, сила, секс – за да избие на врвот. Нејзиното единствено правило: не верувајте никому.

Последната тајна задача на Аби ја води во Колумбија каде таргетот ѝ е трговец со оружје активен во подземната трговија со луѓе. Но, кога Аби намерно дозволува да ја фатат за да може да ги ослободи беспомошните девојки, смртоносниот платеник Кејн Вудленд е ангажиран како нејзина замена. Неговата мисија: да ја извлече Аби од таа пеколна дупка.

Последното нешто што Кејн го очекува е да почувствува привлечност кон Аби. Но, кога таа ќе го убеди да ѝ се придружи во нејзината опасна мисија, нивната новооткриена страст може да ги доведе во опасност животите на сите членови на тимот.

Ова е една од книгите со кои ми се потврдила за правилна онаа добро позната изрека: Не ја суди книгата по нејзината корица. На прв поглед е нешто по кое никогаш не би посегнала, меѓутоа ме убедија позитивните коментари на Goodreads, па си реков да ѝ дадам шанса. И не се покајав, зашто ми се допадна доволно за да ѝ дадам четири ѕвездички.
Ја слушав во аудио формат и можам да кажам дека нарацијата, секако и самиот начин на раскажување на Кенеди, ме вовлекоа во приказната и направија да почувствувам дека сум дел од целата акција. Иако работите се заплеткани, зчудувачки ми беше лесно да ги следам и да сфатам како е поврзана мрежата. Сцените се мошне живописни и постојано имав чувство дека гледам акционен филм. Ликовите беа добро обликувани и дел по дел беше постепено откриена нивната позадина, а со тоа и причините за нивните постапки и размислувања. Тоа ми помогна да се поврзам и да сочувствувам со нив. Кога сум веќе кај ликовите, ми се допадна тоа што дејствието не беше фокусирано само на неколку ликови, туку имаше повеќе кои имаа подеднакво значајна улога во приказната и не беа само пропратно пополнување на празнините. Беа дадени различни перспективи и генерално книгата не ми беше предвидлива, покрај некои настани и моменти од расплетот што ги очекував.

Ова е прва книга од Ел Кенеди која ја читам, но со сигурност ќе се навратам на неа повторно.

Би можело да ти се допадне и ова...