The Gift – Cecelia Ahern

Лу Саферн е успешен во својата работа и неверојатен воркохолик кој никогаш нема време за неговото семејство. Постојано е во трка со времето, секогаш треба да прави две нешта одеднаш и да биде на две места во исто време. Поради неговата посветеност кон компанијата во која работи, постојано оди чекор погоре, што го движи чекор подалеку од неговата сопруга, син и ќерка. Никогаш не е задоволен со она што го постигнува во кариерата и секогаш цели кон уште повеќе. Едно утро на пат кон работа, нетипично за него, тој му купува кафе на Гејб – човекот кој секој ден ги чисти чевлите на минувачите пред големата компанија. Лу никогаш не го забележал, ниту му обрнал внимание, но се чини дека Гејб знае многу за тоа што се случува наоколу, вклучително и во компанијата во која работи Лу. Тој ги следи вработените, гледа кој какви навики има, кој со кого има доцни ненајавени состаноци, а луѓето ги памети по нивните чевли – Лобутинките излегоа од канцелариите доцна навечер со машките чевли од крокодилска кожа. Лу полека сфаќа дека Гејб би можел многу да му помогне со ваквите информации во напредување во компанијата, па му наоѓа работа да разнесува пошта. Сепак, за кратко време откако тој е во истата зграда, Лу почнува да се кае што воопшто го внел Гејб во компанијата…

Мислам дека книгава би била многу добар подарок, особено за божиќните приказни, бидејќи носи убава порака.
Целото дејствие се врти околу Лу, во чиј лик препознав луѓе кои лично ги познавам – луѓе кои се во постојана трка со времето и кои се толку посветени на работата, што буквално живеат за тоа. Ништо никогаш не е доволно, секогаш целат кон повисоко, занемарувајќи сè друго околу себе, вклучително и најблиските. А ако некогаш дојде момент во кој сфаќаат дека животот треба да го живеат малку поинаку – најчесто е веќе доцна.
Можеби на некои читатели нема да им се допадне Лу како лик, поради целата таа негова себичност, но искрено кажано, мене ми беше повеќе жал за него, отколку за неговото семејство кое веќе и научи да живее и функционира без неговото присуство. Поминуваше по цели денови и ноќи во канцеларијата, испуштајќи ги сите најважни моменти со неговото семејство, одалечувајќи се од нив сè повеќе, за на крајот и неговите сопствени деца да чувствуваат непријатност во негово присуство бидејќи го доживуваа како странец.

Првата половина од книгата многу ми се допадна, навистина уживав додека ја читав, страниците одеа многу брзо една по друга и од аспект на оценка дури и целеше кон солидна четворка. Како што преминавме во втората половина, некако работите малку ми зашкрипеа. Не можам точно да дефинирам што беше во прашање, можеби дел од настаните, можеби и самиот тон на раскажување, но дефинитивно почувствував разлика во импресиите кои ги имав во двете половини од книгата, поради што на крајот ја оценив со 3 ѕвездички.

Сепак, тоа не значи дека нема да ја препорачам книгава, особено доколку сте расположени за некоја божиќна приказна која наместо клише романтични моменти, носи тежина од реални животни проблеми во кои можеме да се препознаеме себеси или да препознаеме некој друг. Има убави цитати, а крајот носи порака која би требало секој да ја прочита, без разлика на тоа дали се пронаоѓа во ликот на Лу, или не.

Би можело да ти се допадне и ова...