„Спиј“ – Анелис Вербеке

Маја страда од несоница. Пробува сè и сешто за да дремне барем малку. Советите од пријатели и од стручни лица не помагаат. Терапиите преку ШопЧанел и курсевите, исто така. Кога партнерот ја остава, бидејќи покрај неа веќе не се издржува, таа ја губи контролата врз себе. Ноќе фрустрирано буди други луѓе… Сè додека на едно од своите полноќни талкања, не ја сретне сродната душа, Беноа. Тоа е почеток на чудна врска. Затоа што, додека таа живее во сегашноста, тој повеќе сака да се наврати на времето што веќе поминало…

Ова беше едно интересно и необично четиво, кое успеа да ме привлече со кратката содржина и убавата корица.

Низ прикажување на сцени од минатото на Маја и Беноа, полека се градеа нивните ликови, а истовремено ја дознававме позадината која стои зад нивниот проблем со несоницата.

Приказната може да биде малку конфузна ако не ја читате со целосно внимание, затоа што раскажувањето на ликовите се менува без најава, па можеби ќе останете збунети за тоа кој лик во моментот е во фокус на внимание.

Стилот на раскажување е необичен и малку поинаков од она што вообичаено го читам. Зачинет е со хумор и интересни цитати од кои ќе споделам дел овде:

„Треба да напишам за твојата професија“, покажав кон својата тетратка.
„Мајка ти ја има најстарата професија на светот.“

„Мојата мајка е готвачка. Готви уште откога постои светот.“

„Некои тишини се наоѓаат само во главата.“

„… секоја птица пее во согласност со клунот.“

„Облачиња полни со омраза се натрупаа во мојот буден тил.“

„Црнилото истекуваше на песокот како мастило од дупнат патрон и потоа го боеше и летното небо, сè додека не можев да си ја видам раката пред очи.“

„Како дете, никогаш не ми беше страв, ниту бев осамена. Сепак, секоја ноќ донесуваше ново прашање. Нестрпливо чекав одговор што не доаѓаше. Будилникот покрај мојот кревет го докажуваше тоа. Една ноќ ја сфатив бесконечноста на вселената и кратко заплакав зашто беше премногу голема.“

„Телата не лажат, им се наежува кожата, им се стврднуваат брадавиците, им се исправуваат влакненцата на вратот и им се тресат прстите. Телата се навлажнуваат, се сушат или омекнуваат. Телата сакаат да бидат гризнати, обземени и јавани. Освоени. Исполнети.“

Би можело да ти се допадне и ова...