Три нови божиќни книги за претстојните празници

Книгата во моето семејство отсекогаш била одличен подарок за било каков повод, почнувајќи од родендени, имендени, Нова година, 8-ми март, а од татко ми задолжително добивавме по некоја енциклопедија за почеток и крајот на училишната година 😀 Пред нас се најубавите празници, а после една ваква чудна, страшна и тешка година, се надевам дека сите ќе имаме прилика да си дадеме малку оддишка и да ги поминеме деновите во убаво празнично расположение. За вас овојпат одвоив три нови изданија на книги кои би биле одличен подарок по повод Божиќните празници.

Ќе почнам со нешто најново и најтазе во нашите книжарници, а во издание на Сакам книги:
Еден незаборавен Божиќ – Лиса Клејпас
За време на божиќните празници во Лондон, Рејф Боуман пристигнува од Америка поради договорената средба со Натали Бландфорд, ќерката на леди и лорд Бландфорд, која е прекрасна и совршена, односно, соодветна сопруга за него.
Неговиот занесно добар изглед и импресивната фигура се повеќе од доволни за да ја импресионираат дамата која го чека – да не беше неговиот шокантен, американски начин на живот, нивниот брак ќе беше загарантиран.
Но пред да може да почне додоворувањето, Рејф сфаќа дека мора да ги научи правилата на англиското општество. Жените во Англија се многу различни од жените во Америка и тој просто не може да ги сфати без помошта на четирите поранешни „стари моми“: Лилијан, Иви, Анабел и Дејзи. Но кога тие четири ќе замешаат прсти во стројништво, само еден Бог знае што може да се случи.
За маж кој е навикнат да добива сѐ што ќе посака, пронаоѓањето на вистинската невеста се покажува покомплицирано од очекуваното. Сепак, на Божиќ се случуваат најнеочекуваните нешта, па и цинизмот може да се претвори во инспиративна, страсна романса.

Продолжуваме со нешто домашно за кое добив неколку препораки:
Два божика – Лилјана Пандева
Дваесетина дена пред Божик (25 декември), Дона, девојка од соседството, иако навикната Божик да го празнува подоцна, сепак, си дозволува да ја понесе божикната атмосфера во Брисел, па одлучува да си се почести со една прекрасна белгиска вафла со бела чоколада. Но нема среќа да ужива во слаткото задоволство, таа чест ја има нејзиниот капут. Што е пострашно од растопена чоколада на бело капутче? Растопена чоколада и разлеан црвен соја сос на бело капутче! Вечерата на еден костумиран господин завршува исто како нејзината. Наместо да му се развика за невнимателноста, Дона почнува неконтролирано да се смее, а тој во недоумица како да ја запре, избира тоа да го стори со бакнеж. И авантурата почнува!

За крај, безвременската приказна на Чарлс Дикенс која неодамна доби ново издание од Просветно дело. Мене секогаш ќе ме потсетува на Божиќ 🙂
Божиќна приказна – Чарлс Дикенс
Сметководителот и скржавец Ебенизер Скруџ не ги почитува обичаите на Божиќ, кои налагаат несебичност, љубезност, добрина и споделување со другите. Но, за време на една студена божиќна ноќ, што одлучува да ја помине осамен, далеку од друштвото и љубовта на семејството и пријателите, тој е посетен од духот на својот покоен партнер Џејкоб Марли. По него следуваат духовите на божиќното минато, сегашност и иднина, со чијашто помош Скруџ се соочува со сопствените гревови и се преобразува во доблестен човек.

Би можело да ти се допадне и ова...