„Странецот во мојот дом“ – Адел Паркс

Иако имала многу тешко детство, денес Алисон е среќна и задоволна со својот живот. Таа живее во прекрасен дом со нејзиниот сопруг Џеф кој е успешен писател и нејзината добро воспитана и многу талентирана ќерка тинејџерка Кетрин. Центарот на светот на Алисон е нејзината ќерка на која толку многу ѝ се восхитува, што на моменти не може да поверува дека таа е нејзино сопствено дете. Алисон се грижи за сите училишни обврски на Кетрин, вон училишни активности, тренирањето во лакрос тимот, учењето јазици и се труди Кетрин да биде сè она што таа не била. Алисон е подеднакво успешна мајка и сопруга и го одржува семејниот дом со многу љубов и посветеност. Мирниот живот на ова прекрасно семејство ќе го зафати земјотрес кога на нивната врата ќе се појави непознат човек од кој ќе дознаат ужасна вест – Кетрин не е нивна ќерка. Откако настанала замена на бебињата во болницата, биолошката ќерка на Алисон и Џеф завршила во семејството на непознатиот човек. Како да не е самата вест доволно шокантна, тие двајца дознаваат дека постои можност Кетрин да го наследила мутираниот ген од нејзината биолошка мајка која неодамна починала од рак. Двете семејства почнуваат полека да се запознаваат, а Кетрин дознава дека има брат и сестра. Додека Алисон живее во страв дека новото семејство ќе ѝ го украде нејзиното прекрасно девојче, подзаборава на нејзината биолошка ќерка Оливија кон која не чувствува ништо. Наскоро односите меѓу двете семејства се комплицираат, а на виделина излегуваат многу тајни.

Книгава е дефинитивно my cup of tea 🙂 Знаев дека ќе ми се допадне штом на задната корица прочитав: „…ќе ги фасцинира нејзините обожаватели, заедно со читателите на Лиане Мориарти…“- веќе имав претстава за каква книга се работи и мило ми е што во целост ги исполни моите очекувања.
Ликовите беа релативно добро доловени, особено Алисон во која препознав многу од сопствените карактеристики 🙂 Толку добро ја запознав, што во глава ја имав целосно скоцкано и веќе можев да ги предвидам и очекувам нејзините постапки. Кетрин ми беше апсолутно симпатична и многу ми се допадна како беше претставен нивниот меѓусебен мајка-ќерка однос. Сепак ми недостасуваше малку повеќе од ликот на Џеф, како да беше во позадина цело време, па имав чувство дека не го запознав толку добро во текот на читањето. Истото важи и за останатите ликови – иако беа споредни, мислам дека имаше простор да добијат повеќе глас во приказната.
Стилот на раскажување ми се допадна, постојано ми го задржуваше вниманието и едвај чекав да видам како понатаму ќе се развиваат настаните. Некаде во крајните поглавја посакав темпото малку да забрза, но можеби затоа што нетрпеливоста ме газеше, па сакав што побрзо да видам што ќе се случи 😀

Ова беше прва книга од Адел Паркс која сум ја прочитала и сигурна сум дека и во иднина ќе се одлучам за некоја друга нејзина книга.

Во продолжение неколку извадоци од книгата:

„И таму, во излитениот паб ‘Ветерспунс’, таа му раскажа сè. Нејзината тага, жалење и вина се истурија на малата масичка помеѓу нив, валкајќи ја како што претходно ја извалкало истуреното црвено вино што оставило дамки во вид на кругови.“

„Знам дека кога зборува со мене и ми дели комплименти и охрабрување, се чувствувам како да ме покрива со ќебе. Спокојно.“

„Нивните пријатели ги гледаа со неверување, прашувајќи се што чекаат. Очигледно беше дека беа создадени еден за друг. Тој ја држеше на површината; таа го спречуваше да отплови во несакана насока.“

„Наоѓањето на нацртот за книгата на Џеф создаде малечка пукнатина во браната што ги задржуваше моите емоции и сега таа се распаѓа.“

„Одрекувањето виси во воздухот како лоша миризба.“

„Кога ќе се најдете во ситуација на вистинска и апсолутна опасност или жалост, сфаќате дека животот повеќе никогаш нема да биде ист. Не ни може да биде, но во секој случај мора да продолжиме. Тоа е она што го правиме – ние луѓето, животните, морските бранови, продолжуваме понатаму. Нашата истрајност е единствената непроменлина работа кај нас.“

Би можело да ти се допадне и ова...