„Резерва“ – Принц Хари

Мемоарите на британскиот принц Хари кои уште од првиот ден имаа милионска продажба, а за неполн месец се преведени на 15 јазици, се најдоа и на мојата читателска листа 🙂
Ја слушав книгата во аудио верзија во која нараторот е самиот Хари, што особено ми се допаѓа кај книгите, бидејќи никој друг не може подобро да ги долови вашите зборови. Изненадувачки многу брзо ја преслушав, иако трае повеќе од 15 ипол часа.

Од старт морам да кажам дека делумно ги следам случувањата во британското кралско семејство и генерално бев веќе информирана за поголемиот дел од настаните за кои тој зборува во неговата книга Spare („Резерва“). На почеток би сакала да нагласам дека Хари никогаш не ми бил посебно симпатичен, особено со она што се случуваше последниве неколку години. Така што, можам да кажам дека од почеток тргнав со некоја доза на одбивност кон книгава, но сепак сакав да му оставам простор да ме убеди во спротивното.

Книгата е прилично обемна, не само во напишан материјал, туку и содржински, бидејќи опфаќа голем дел од животот на Хари, во одреден дел даден во (за мене апсолутно непотребни) детали. Во суштина раскажувањето започнува од периодот по смртта на неговата мајка, принцезата Дијана, доловувајќи го неговиот обид да се справи со тешката загуба и лошите патишта по кои тргнува.

Хари е прилично отворен во неговите мемоари и доста од работите ги раскажува без цензура – од губењето на невиност, преку употребата на алкохол, експериментирањето со различни дроги, неговата служба во Британската армија, воените операции во Авганистан при кои извршил убиство на 25 талибанци, љубовниот живот и девојките кои ги имал, паничните напади, кралските турнеи, посетата на психијатар, справувањето со британските медиуми…

Покрај сето тоа, Хари раскажува и мал дел од конфликтите и тензиите во британското кралско семејство и за она што се случува зад затворени врати, алудирајќи на тоа дека насмевките и наводните хармонични односи кои се прикажуваат во јавноста, некогаш се далеку од вистината. Покрај неколку случки кои ги доловуваат неговите проблематични односи со неговиот татко, маќеа и брат, Хари зборува и за односите меѓу членовите на неговото семејство, на пример Чарлс и Камила, наспроти Вилијам и Кејт. Тој открива и некои проблематични настани, како физичкиот напад врз него од страна на Вилијам, одбивањето на семејството да им помогне на Меган и Хари да се справат со британските медиуми, а на крајот и нивното отсекување од палатата, за кое (според неговото кажување) тие немале право на збор.

Секоја приказна има две страни, а јас сум речиси сигурна дека во овој случај, нема да ја дознаеме втората. Ми се чини дека британското кралско семејство ќе остане воздржано од било какви коментари за книгата на Хари, па веројатно никогаш нема да дознаеме што е вистина, а што не. На крајот на краиштата, Хари ја раскажува неговата перспектива на настаните, што не секогаш може да се поклопува со објективната реалност. За некои работи можам да се согласам со него, но за некои апсолутно не.

На моменти имав чувство дека постојано се обидува да ги оправда неговите погрешни избори и постапки преку затскривање позади болката и жалењето за неговата мајка. Несомнено е дека она што се случило оставило длабока трага врз него и дека имал тешкотии да се справи со таквата загуба, но мислам дека веќе одамна е возрасна личност која треба да преземе одговорност за своите постапки. Во некои делови од приказната, Хари (за мене сосема неоправдано) се портретира како жртва. Имаше и некои „проблематични“ моменти од книгата кои не ми се допаднаа и мислам дека беа непотребни.

Ако го следите британското кралско семејство, верувам дека многу пикантни моменти ќе ви го задржат вниманието и ќе ви се допадне поинаквата перспектива која оваа книга ја дава на палатата. Хари во медиумите изјави дека има материјал за две книги за она што се случува таму, а јас верувам дека е така. Сепак, некои работи сметам дека треба да останат во кругот на семејството.

Би можело да ти се допадне и ова...