Escape – James Patterson, David Ellis

Детективот Били Харни и неговата партнерка се во бркотница низ улиците на Чикаго со потенцијален киднапер на тинејџерка. Исходот од целата ситуација завршува катастрофално – партнерката на Харни е убиена. Тој е исправен пред две истраги – фокусот на првата е да го собори водачот на најголемата и најмоќната улична банда во Чикаго, Џерико Хупер. Хупер игра толку паметно, што никогаш не бил фатен. Тој, исто така, пере милиони долари годишно преку своите ноќни клубови, стриптиз клубови и перални. Во својот тим, Хупер го има Мејсон Трејси – 20 годишно момче кое е гениј во прикривање на неговите црни бизниси и водење на финансиските книги каде сè се чини дека е чисто.
Другата истрага е поврзана со тинејџерка која му се обраќа на Харни за помош – таа тврди дека нејзината мајка е во опасност заради ужасните работи кои ги открила за нејзиниот сопруг. Што да дознала нејзината мајка, било доволно за да ја натера да замине и да се разведе од него. Сепак, ќерката го слушнала нејзиниот татко како заговара да ја убие нејзината мајка поради информациите што ги дознала.

Иако ова е третото продолжение од серијалот Billy Harney, сепак може засебно да се чита. Од она што го прочитав во коментарите на Goodreads, има елементи кои се среќаваат од претходните книги во оваа, но тоа нема да ви претставува проблем бидејќи ова е приказна сама за себе.

Книгата, особено ако ја слушате аудио верзијата на англиски јазик како мене, ќе ви бара поголем фокус и внимание, затоа што нема застој на настаните, паралелно се одвиваат и по неколку приказни, има доста ликови, случувања, така што потребно е да сте умствено присутни постојано. Тоа е една од забелешките кои ги имам – некако сето она што се случуваше ми беше премногу на моменти и ми требаше време да застанам и да процесирам кој со кого и на каков начин е поврзан и по каков тек одат настаните.

Ја оценив со средна оценка од причина што ми беше многу слична со многу трилери кои претходно ги имам прочитано – киднапирање, финансиски криминал, одмазда, уцена…
Не е лош трилер, но лично ништо посебно немаше да испуштам ако ја прескокнев книгава.

Би можело да ти се допадне и ова...