„Сè што сакам за Божиќ“ – Џоана Болури

За Божиќ се случуваат чуда, но не и за Ник. Тој ја изгуби работата како добро платен лондонски корпоративен адвокат, картичката му е речиси испразнета, а неговата девојка го напушти. Му останува да се самосожалува во апартманот што го дели со својот најдобар пријател и колега кој подобро се снаоѓа во животот.
Ник бара нова работа – каква и да е!
Без волја прифаќа привремено да работи како Дедо Мраз во локалниот трговски центар. Така ќе го сретне четиригодишниот Алфи. Сè што сака Алфи за Божиќ е неговата мајка Сара повторно да биде среќна. Трогнат од несебичната желба на детето, Ник ќе се сети на една многу добра идеја. Тој ќе организира состанок со Сара, што можеби ќе донесе голем пресврт во неговиот живот.

Судејќи по тоа дека беше тешко да се најде книгава уште првиот ден откако Бата прес ја пушти во продажба, верувам дека многумина од вас слушнале за неа во најмала рака, а можеби и сте ја купиле и прочитале. Изборот на божиќни книги е навистина голем и вообичаено тешко се одлучувам за ваква книга, но овојпат ме убедија многуте позитивни критики на Goodreads. Ја читав токму околу божиќните празници, иако искрено тоа не ми пречи, зашто и сред зима знам да читам некое летно романче кое вообичаено се чита на плажа, а во јули да читам за снег и украсени елки 😀

Морам да признаам дека очекував книгава да е далеку попредвидлива од она што реално беше. Уште кога тргнав да ја читам, си помислив: Ова ќе биде книга во која крајот ќе го знаеме од почеток. Искрено кажано, не беше баш така. Не е дека приказната има пресврти кои ќе ве треснат од земја, но сепак не би рекла дека во целост беше тоа што очекував.

Раскажувањето течеше лесно, нешто што впрочем се очекува за вакви книги, па брзо се чита и на моменти се „фаќав“ себеси како прелетувам низ страниците додека погледот забрзано ми шара од лево кон десно.

Нараторот е Ник, што искрено кажано ми беше мало освежување, зашто вообичаено сум навикната на женски наратори кои нè водат низ приказната. Ликовите ми беа допадливи, ми се допадна како беа претставени како карактери, но и нивните меѓусебни врски – и оние чие градење го следевме, а и оние кои ги затекнавме со самото читање.

Има комични моменти кои ја зачинуваа приказната, има и по малку трогателни моменти кои ќе ви допрат до срцето. Можеби некои моменти нема да ви се допаднат, и според мене можеби можеше некои пресврти (а особено еден) подобро да се изведат, но нема да ѝ замерам за тоа на Џоана 🙂

Сумирано, ова е една топла, божиќна приказна која е идеална за еден таков празничен период од годината. Ви ја препорачувам – за вас, но и за подарок 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...