„Скриена во најмрачниот агол“ – Елизабет Хејнс

Кога во младоста убавата Кетрин ќе се запознае со Ли, таа не може да поверува во нејзината среќа. Прекрасен, харизматичен и малку мистериозен, Ли изгледа речиси премногу совршен за да биде реален.
Но, она што започнува како внимание кое ѝ годи и спонтан, страстен секс, се трансформира во болна љубомора, а Кетрин наскоро открива дека сините очи на Ли, кријат мрачна и насилна природа. Обидувајќи се да избега од него, таа се врти кон нејзините пријатели за поддршка, но открива дека тие не ѝ веруваат. Изолирана и вовлечена во најтемниот агол на нејзиниот свет, Кетрин планира бегство.

Четири години подоцна, Ли е зад решетки. Кетрин, сега со ново име, се обидува да почне од почеток и да изгради нов живот во друг град. Иако целосно закрепната од повредите, траумата од минатото сè уште ја прогонува. Во нејзиниот живот влегува Стјуарт, нејзиниот привлечен нов сосед. Охрабрувајќи ја да се соочи со нејзините стравови, тој ѝ дава надеж и можност за љубов и нормален живот.
Сè до оној момент кога нејзиниот телефон ќе заѕвони – Ли излегол од затвор…

Ова беше еден од најдобрите трилери кои сум ги читала!
Страниците ги голтав и ми беше тешко да ја оставам кога веќе морав да си легнам 😀
Иако од првите две поглавја веќе имав визија кој ќе биде негативецот во приказната, сепак си дозволив себеси да се вљубам во неговиот лик и да паднам на неговиот шарм, барем во првата третина од книгата. Ми се допадна како настаните суптилно доаѓаат до точка на кулминација, како постепено излегува на површина она кое било вешто сокриено. Темата не е непозната, но ми се допадна како беше разработена. Некако, имав чувство дека приказната е многу објективно раскажана, без никакви сугестии и обиди да се наведе читателот кон нешто. Убаво беше обработено опсесивно – компулзивното нарушување, и тука ми немаше никакви нелогичности. Ми се допадна тоа што истиот наратор паралелно нé води низ две различни приказни, во два различни периоди од животот на Кетрин.
А што се однесува до нејзиниот лик, толку многу се соживеав со нејзината судбина, што буквално чувствував мачнина во стомакот од некои сцени. Толку ми беа одвратни, што ми стоеше некоја грутка во грлото додека нетрпеливо и брзо ги следев настаните.

Ја препорачувам!

Би можело да ти се допадне и ова...