„Ова започнува со нас“ – Колин Хувер

Лили и нејзиниот поранешен сопруг Рајл најпосле успеваат да фатат ред со заедничкото одгледување на нивната ќерка, кога таа ненадејно го среќава Атлас, нејзината прва љубов. Пресреќна е што најпосле времето е на нивна страна и веднаш ја прифаќа неговата покана да излезат.
Но, возбудата ѝ е засенета од сознанието дека, иако повеќе не се во брак, Рајл е голем дел од нејзиниот живот и дека нема да му се допаѓа што Атлас е дел од животот на Лили и нивната ќерка.
Раскажана од перспективите на Лили и Атлас, Ова започнува со нас продолжува токму онаму каде што завршува епилогот од неверојатно возбудливата Ова завршува со нас. Откривајќи ни повеќе детали од минатото на Атлас и следејќи ја Лили додека ја зграпчува втората шанса што ѝ ја дава љубовта, додека и двајцата се справуваат со љубоморниот поранешен сопруг, Колин Хувер ни докажува дека никој не умее подобро од неа да допре до нашите срца.

Иако во принцип избегнувам да читам продолженија на книги кои многу ми се допаднале, од причина што стравувам дека ќе ми го расипат првичниот впечаток, сепак не останав имуна на „читателската треска“ што ја предизвика Колин Хувер со продолжение на нејзината најпопуларна книга.

Морам да кажам дека јас никогаш не ни очекував продолжение на оваа приказна, мислам дека заврши каде што требаше, како што требаше. Но, кога веќе Хувер решила да ги почести нејзините читатели, сакав да видам дали тоа го направила на (според мене) вистинскиот начин.

Најпрво морам да си забележам сама на себе што не се потсетив на настаните од „Ова завршува со нас“, бидејќи со оглед на тоа дека ја прочитав пред безмалку 6 години, доста од работите ги имав заборавено, а второто продолжение прилично многу се поврзува со првата книга.

Темите кои ги допира оваа книга се исто така комплексни, со главен фокус на поранешните сопружници Лили и Рајл кои заради нивното заедничко дете мораат да научат да ги надминат нивните меѓусебни недоразбирања и сплотено да функционираат во интерес на детето. Очигледно несогласувањата меѓу нив сè уште стојат отворени, што предизвикуваше проблеми во нивната секојдневна комуникација. Во целата веќе комплицирана ситуација се појавува и првата љубов на Лили – Атлас, кој само додава масло во огнот.

Ми се допаднаа пропратните нишки во приказната кои се провлекуваа, покрај односот на Лили и Рајл кој беше главен центар на вниманието. На пример, имавме прилика да видиме друга страна од сегашниот живот на Атлас, малку повеќе да навлеземе во неговата позадина и во она што му се случуваше во моментот.
Атлас како лик – допадлив, ама за мене малку нереален. Или пак како таков го гледавме низ очите на Лили која малку како да го ставаше на пиедестал после токсичната врска со Рајл. Што се однесува до Рајл, искрено не се сеќавам да сум имала вакви лоши чувства спрема неговиот лик додека сум го читала првиот дел. Ми се чини дека сè што беше прикажано од негова страна беше негативно, што се сеќавам дека не беше случај со „Ова завршува со нас“. Така што, овојпат не ми се допадна како беше портретиран ликот на Рајл.
Релативно рано можете да насетите како ќе заврши приказната, само нема да бидете сигурни како ќе се исплете.

Сумирано: Дали мислам дека беше потребно продолжение на „Ова завршува со нас“? – Не.
Дали ми се допадна? – Би рекла да, но мојата оценка од 4 ѕвездички дефинитивно беше добиена на „стара слава“.

Би можело да ти се допадне и ова...