„Последното љубовно писмо“ – Џоџо Мојес

Jojo Moyes ја запознав со “Me Before You” и сосема нормално, имав високи очекувања за секоја нејзина наредна книга што ќе ја прочитам.
“The Last Letter from Your Lover” е поделена во две временски рамки, од кои првата ја следи приказната за Џенифер која живее во 60тите години на минатиот век. Џенифер се буди во болница после трагична сообраќајна несреќа. Не може да се сети каде и со кого била кога се случило тоа, не може да се сети на своето семејство, своите пријатели, па дури и сопругот го гледа како туѓинец. Обидувајќи се да се вклопи во животот кој претходно го имала, Џенифер наоѓа љубовни писма и дознава дека имала љубовник – човек чиј лик и име останува мистерија. Вториот дел од книгата е 40 години подоцна. 33 годишната Ели која работи како новинарка, наоѓа дел од љубовните писма и се обидува да открие што се случило со двајцата љубовници.

Мислам дека книгава имаше голем потенцијал и убава идеја, ама некако не беше добро реализирана. Јас не успеав да се поврзам со целата љубовна приказна, ниту да се соживеам со ликовите. Едноставно, не ме допре нивната судбина и тоа што им се случуваше, а мислев дека ќе ме држи во малку поемотивно расположение. Првата третина од книгата ми беше сосема просечна. Дури неколку пати мислев да ја оставам, зашто не ми го задржуваше вниманието. Ја знаете онаа ситуација кога гледате некој филм, ама повремено си правите муабет, или чепкате на телефон, а кога ќе се вратите назад на филмот гледате дека сепак сте во тек со настаните? Така беше и со првата третина од книгата – на моменти паметот ми одлетуваше на друга страна, мислам дека поминував цели пасуси без воопшто да знам што сум прочитала, ама кога ќе се вратев на книгата, испаѓаше дека ништо не сум пропуштила.
Втората половина некако ме размрда, почнав да читам со поголемо внимание, дури и ме заинтересира што ќе се случува понатаму. Случувањата беа подинамични, па ми дојде како освежување, за разлика од првиот дел кој ми се чинеше бескајно развлечен.

Кога е во прашање стилот на пишување, на моменти ми се допаѓаше, ама на моменти ми личеше дека приказната ја раскажува некое мало дете. Ме нервираа кратките и прости реченици, па на некои делови имав чувство дека книгата ја пишувале двајца.
Што се однесува до ликовите, сите беа еднодимензионални и ниту еден од нив не ми беше особено симпатичен. Дури некои од главните ликови што ја држеа приказната, ми беа премногу одбивни. Исто така не ми се допадна како некои од ликовите беа претставени во првиот дел од книгата. Некако наеднаш влетаа во приказната, па се чудев кој е кој, и кој од каде дојде во целата ситуација.

Сума сумарум – слаба книга, не би ја препорачала. Времето потрошено на неа можев да го искористам за некоја многу подобра книга. Но, ако некого заинтересирав со кратката содржина и сака да ја прочита, можете да ја најдете низ нашите книжарници, инаку издание на Култура.

Би можело да ти се допадне и ова...