,,Јужњакот со сини очи“ – Лиса Клејпас

Запознајте го јужњакот со сини очи: Неговото име е Харди Кејтс. Тој е успешен милионер, кој всушност доаѓа од лошата страна на градот. Има стекнато непријатели колку ти душа сака во неговото тешко патешествие кон врвот на нафтената индустрија. Низ неговите вени тече врела крв. А на неговиот ум има само одмазда.
Запознајте ја богатата наследничка: Се вика Хејвен Тревис. И покрај парите на нејзиното семејство, таа одбива да го следи патот што тие го трасираат за неа. Но, кога Хејвен се мажи за човек кој нејзиното семејство не го одобрува, нејзиниот живот тргнува во нов и опасен правец. Две години подоцна, Хејвен се враќа дома, решена да си го чува срцето по цена на животот. А Харди Кејтс, семеен непријател, дефинитивно е човек од кој треба да се држи што подалеку.
Но, судбината има друга замисла…

Ова е втор дел од серијалот на Лиса Клејпас за семејството Тревис, веднаш по „Девојка од мал град“ и еве уште од старт ќе кажам дека оваа ми се допадна повеќе од претходната.
Ликот на Харди го имавме запознаено и во претходниот дел, но овојпат е изменет, дури до степен што почнав да си се прашувам: чекај, истиот Харди е во прашање? Сега е веќе вистински маж 😀
Што се однесува до Хејвен, навидум можеби делуваше само како и секоја друга богата и разгалена наследничка, но во неа се скриеше жена која сака да биде сакана и водена од потребата некоја да ја прифати каква што е, залута со погрешен човек во дисфункционален брак.

Брзо и лесно се чита, Лиса дефинитивно умее да напише таква книга. Не дека нешто сериозно ќе испуштев ако не ја прочитав, но забавна ми беше и ми правеше убаво друштво, таман како нешто сосема спротивно во комбинацијата со другата книга што во моментот ја читав (трилер). Има и клише моменти, почнувајќи од тоа дека згоден и силен маж доаѓа да спаси очајна девојка 😀 Сепак, и во двете продолженија од овој серијал забележав дека Лиса се обидува на женските ликови да им даде и обележје на силни и самостојни, без оглед на животните околности во кои се наоѓаат.

Третото продолжение веќе ме чека и мислам дека ќе му дадам шанса, можеби понатаму 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...