Five Feet Apart – Rachael Lippincott

Стела Грант е личност која сака да има контрола над работите – иако, иронично, нејзините бели дробови се оние кои ѝ го контролираат целиот живот, носејќи ја од една во друга болница. Она на што Стела треба најмногу да внимава е да се држи подалеку од секого и сé што може да ѝ донесе инфекција и да ја загрози можноста за трансплантација на белите дробови. Растојание од метар и половина. Без исклучоци.

Единственото нешто што пак Вил Њуман сака да го има под контрола е излегувањето од болницата. Нему воопшто и не му е грижа за неговата терапија или пак за новото луксузно тестирање на лекови. Наскоро, тој ќе наполни осумнаесет години и тогаш ќе може да ги исклучи сите машини од себе и да оди да го спознае светот, а не само неговите болници.

Вил е токму оној од кого Стела треба да се држи настрана. Било кој од нив двајцата, може да умре. Единствениот начин да останат живи е да ја одржуваат дистанцата. Но, сега тие метар и половина не звучат како мерка на безбедност. Звучат како казна.
Што ако тие двајца украдат два три чекори од овој простор? Дали на сметка на оддалеченоста меѓу нив, ќе можат да ги спасат нивните срца?

Five Feet Apart, што во превод всушност ја означува „оддалеченоста од метар и половина“, е книга која беше избрана за најдобра во категоријата Young Adult Fiction за 2019 година на Goodreads, а од некоја причина јас дури сега налетав на неа, па решив да ѝ дадам шанса. Иако веќе одамна не читам Young Adult, сепак одвреме навреме оставам простор и за некоја ваква книга, бидејќи има наслови кои иако спаѓаат во оваа категорија, сепак би било штета да не сум ги прочитала.
Конкретно за оваа книга, од една страна имав високи очекувања, а од друга страна пак бев малку скептична дека можеби ќе биде само бледа копија на „Светот не е фабрика за исполнување желби“. На крајот откако ги сумирав впечатоците, решив да ја оценам со 4 ѕвездички, иако бев на мисла некаде измеѓу 3 и 4. Сепак, ако ја споредам со некои други книги кои сум ги оценила со средна оценка, сметам дека оваа заслужува повеќе.

Темата што ја обработува е навистина чувствителна и е од оние книги кои ќе ве натераат малку повеќе да размислите за тоа што сè имате во животот кога го имате здравјето. Преку ликовите кои се борат со болести на белите дробови, преку нивните секојдневни проблеми, поинакви рутини, правила и ограничувања кои мораат да се почитуваат, сфаќате колку сте слободни и среќни што можете да пешачите, да трчате, да вежбате, да ги гушкате најблиските… Особено тежина дава самиот факт што се работи за деца кои се лишени не само од некои основни, секојдевни можности, туку и од нормалното детство кое наместо со своите врсници, го поминуваат по болници. И така, ден по ден, месец по месец, тие полека стануваат експерти за својата болест и знаат сè што може да се знае за неа. Болницата ја чувствуваат како свој дом и таму функционираат подобро отколку било каде. Го знаат секој нејзин агол и ходник, секој член на персоналот, секоја болничка соба, секоја апаратура која ги одржува во живот, секој пациент, секоја терапија. И сосема разбирливо, по одредено време губат волја да бидат затворени во тој круг од кој како да не гледаат излез, губат желба да бидат подложни на уште една нова терапија, на уште еден нов лек… Сè што сакаат е да излезат надвор и да го искусат светот, животот, па макар и по цена да го завршат прерано. Не можете да ги осудувате, барем јас не се осмелив да ги критикувам некои нивни постапки, бидејќи можам сосема да ги разберам и да се ставам на нивно место.

Кога сум веќе кај тоа, ќе се надоврзам на она што ми недостигаше во книгава за да биде за чиста петка, а тоа е поврзувањето со главните ликови. Навистина се потрудив, но од некоја причина не успеав целосно да се поврзам со нив. Особено врската меѓу Стела и Вил ми беше како нешто апстрактно, ако веќе правам паралела меѓу нив и Хејзел и Августус.

Сепак оваа забелешка е прилично субјективна и можеби некој друг читател сосема поинаку ќе се соживее со главните ликови, така што секако дека ја препорачувам. Нека не ве одвраќа тоа што е во категоријата „За млади“ – задолжително треба да ја прочита секој, како наравоучение, бидејќи одлично го портретира животот обвиткан во една болест која ја диктира секоја секунда и секој здив.

Би можело да ти се допадне и ова...