„Божиќ во Шкотска“ – Сара Морган

Во снежните гори на Шкотска, Сузан Мекбрајд сонува за совршен Божиќ. Нејзините три посвоени ќерки се враќаат дома за празниците и таа едвај чека да ги види. Но, тензиите растат…
Хана, која е невиден работохолик, знае дека не може две години по ред да го избегнува поминувањето на празниците со своето семејство. Но, тоа не е поради високите очекувања на нејзините најблиски, туку тајната што ја крие од сите, а која ќе ѝ го промени животот од корен. Бет која ги поминала последните години дома, грижејќи се за нејзините ќерки, има свои проблеми. Сè што таа сака за Божиќ е време за да одлучи дали е подготвена да се врати на работа – а средбата со нејзиното семејство би требало да ѝ помогне во справувањето со стресот, не да го зголеми. Пози не е сигурна дека го живее животот од соништата, но кога нејзините родители зависат од неа, било каква промена изгледа ризично. Но, се чини дека е поризично тоа да се вљубите во прекрасниот нов сосед Лука…
Да, Сузан сонува за совршен Божиќ. Но, по сè изгледа ќе треба да се потпре на некаква божиќна магија која ќе го спои целото семејство.

Ова е втора книга од Сара Морган која ја читам, а бидејќи од првата книга ми се свежи импресиите, можам со сигурност од старт да кажам дека оваа повеќе ми се допадна, што се гледа и од мојата оценка 🙂
Искрено кажано, на почетокот имав малку тешкотии да ги разграничам ликовите, што секогаш ми се случува кога приказната ја носат повеќе ликови истовремено, а особено сега бидејќи ја слушав во аудио формат, па немав можост толку лесно да се навратам на претходните поглавја (како со печатена или е-книга) за да се потсетам кој лик е во прашање. Но, како што се развиваа дејствијата, така почнав полесно да ги распознавам. Ликовите се добро обликувани, сите карактерно се различни, со свои животни околности, па интересно беше да се видат различните гледишта што ги имаа врз ситуациите. Некогаш ваквите приказни кога се вклучени повеќе ликови паралелно ми се тешки за следење, но ова не беше случај со оваа книга. Ми се допадна и стилот на пишување на Морган, настаните се развиваа глатко, со убав тек и беше лесно да се следат.
Ви ја препорачувам.

Би можело да ти се допадне и ова...