„Понуда што не можеш да ја одбиеш“ – Џил Мансел

Кога мајката на нејзиното момче ќе ѝ понуди 10.000 фунти за да раскине со него, Лола нема намера да прифати таква снобовска понуда за да го остави Даг – момчето во кое е силно вљубена. Но, во меѓувреме се случува нешто што почнува да ја предомислува. И онака Даг веројатно би раскинал со неа на долг рок, впрочем, за кратко време треба да се пресели во друг град на студии. А доколку ја прифати понудата, Лола може многу да ѝ помогне на една од најважните личности во нејзиниот живот. Десет години подоцна, кога Лола повторно ќе се сретне со Даг, нејзините чувства кон него се силни како да не поминало толку време. Но, таа му го скрши срцето, а наскоро тој дознава дека всушност била платена да го стори тоа. Лола сака да го врати назад, но никогаш нема да може да му ја каже вистината… Ќе успее ли во намерата?

Ова беше една од оние книги кои брзо се читаат и (веројатно) брзо се забораваат. Типичен чик-лит низ чии страници лесно ќе прелетувате, па би рекла дека е добра книга за читање на плажа каде вниманието може и малку да ви избега на друга страна, а сепак кога ќе ѝ се навратите да немате чувство дека нешто важно сте пропуштиле.
Лола не ми беше некој многу допадлив лик, имаше моменти во кои ме иритираа нејзините постапки и размислувања, но сепак не ми беше одбивна до степен да сакам да ја оставам книгата. Генерално книгава ми беше забавна и интересна, иако имаше моменти на кои искрено превртував очи 😀 Останатите ликови немаа баш некоја длабочина, а дел од настаните и не беа баш реалистични, но во ваков тип на книги можам и да замижам пред некои такви забелешки.
Сумирано – ако барате некоја книга летово за на плажа, може да се одлучите за оваа 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...