Предлог сликовници за најмалите читатели

Е па дојде и тоа време – рецензија за книги на мојов блог да „пишува“ моето мало читателче 😀

Сликовници почнав да купувам уште додека бев бремена и едвај чекав да дојде моментот кога ќе можам да му ги читам на моето бебе, а тоа се случи кога имаше само два месеци 🙂 Тешко се воздржувам од купување книги, а со сликовниците ми оди уште потешко, па ако продолжам со ова темпо, со сигурност за кратко време моето дете ќе има поголема библиотека од мојата 😀

Оваа статија овојпат ќе биде посветена на детски книги, поточно сликовници за најмалите читатели, ама баш најмалите 🙂

Со оглед на тоа дека имав бебе кое не сакаше да спие (и сè уште се бориме со тоа) постојано на интернет барав активности кои можеме да ги правиме додека е будно со часови. Читањето беше една од тие активности која можеше да се применува уште од првите месеци, бидејќи бебињата така го учат гласот на мајката и секако – помага за нивниот развој. Иако на бебињата не им е јасно што се книгите, сепак се интересираат за различните бои кои ги гледаат, ликовите, формите, цртежите, а дополнително помага и начинот на кој ги читате сликовниците – јас на пример секогаш користам различни гласови и се трудам да ја претставам приказната на интересен начин 🙂

Првите сликовници со кои почнавме и кои до ден денес можам да кажам дека најмногу ги читаме по дома се двете сликовници на Топер – „Животни од фармата“ и „Животни од шумата“. Секоја страница содржи по едно животно за кое пишува нешто специфично, а дополнително интересно е тоа што животните се скриени, па заедно ги откриваме додека читаме. Мислам дека причината поради која моето бебе толку ги сака и со внимание ги следи е тоа што јас секогаш ги интерпретирам гласовите на животните 😀

Исто така соодветни за најмала возраст се и т.н. меки сликовници, со оглед на тоа што малите бебиња сакаат да стават во уста сѐ што ќе докачат 😀 Не се од хартија за лесно да можат да се скинат, освен тоа можете да му ги дадете на вашето бебе за самото да ги разгледува, без грижи дури и да почне да ги грицка 🙂 Јас имам на Тримакс, но видов дека вакви меки сликовници има и во Просветно дело.

Сликовниците за Сани и Стела се исто така меѓу оние кои најмногу ни се допаѓаат, бидејќи се многу колоритни, а имаат кратки текстови, што е соодветно за мала возраст. Тука ќе ги сместам и сликовниците на Три и Едиција Светулка – убави илустрации, интересни и не премногу долги текстови, а некои од нив содржат и песнички кои можете да ги слушате и на цеде.

Од друга страна Биби и Боби би рекла дека се за подоцнежна возраст, бидејќи приказните се далеку подолги, па се губи вниманието. Но, јас ги користам и сега, бидејќи имаат убави цртежи, со тоа што самата ги раскажувам приказните во скратена форма. Верувам дека кога ќе потпорасне моето дете и ќе почне да ги разбира, ќе му бидат многу поинтересни, но засега може само да ги анализира илустрациите. За бебе кое сѐ уште не разбира за што се работи во приказната, многу поважни се самите илустрации, отколку текстот. Сепак, јас секогаш ги објаснувам елементите на сликата – предметите, растенијата, животните, ликовите, нивните емоции, опкружувањето и слично. На пример: „Види ја Пепелашка како ги миела чиниите, има солзичка, тажна е, ја оставиле сама додека сите други отишле на балот…“ 😀

И секако да не ги заборавиме безвременските сказни за Пепелашка, Снежана, Грдото пајче, Пинокио, Златната гуска… Исто така во издание на Топер, а ги има 20 сказни во оваа едиција. Голем формат се и се целосно илустрирани. Приказните се прилично скратени, но за најмала возраст се одлични.

Иако можеби ќе помислите дека читањето на толку мало бебе е од никаква полза, сепак е една прекрасна активност која гради близина меѓу вас и вашето бебе, помага за развивање на неговите сетила, говорни способности, учи да препознава бои, форми, гласови… Дополнително, бебето ги учи и различните емоции кои му ги прикажувате низ читањето, а сликовниците со приказни се одлични за тоа, бидејќи низ раскажувањето можете да го менувате гласот и да правите различни мимики и гестикулации. На крајот, самиот момент на читање на вашето бебе е еден многу убав, секојдневен ритуал, кој потоа може да биде основа за градење на добри читателски навики.

Би можело да ти се допадне и ова...