“Touch & Go” – Lisa Gardner

Сè во животот на Џастин и Либи е совршено, како исечок од списание – ја имаат Ешлин, нивната прекрасна петнаесетгодишна ќерка, голема и убава куќа, одличен брак и многу пријатели кои им се восхитуваат.
Но, се случува нешто страшно…
Кога инспекторката Теса Леони ќе пристигне на местото на злосторството во нивниот дом, единствено што може да забележи се траги од влечење по подот и конфети. Се чини дека семејството е киднапирано. Нема сведоци, никој не бара пари за возврат, никој не би имал мотив. Она што Теса го знае најдобро од било кој, е тоа дека дури и најсовршените фасади можат да ги сокријат најмрачните тајни. Сега таа мора да најде одговор на прашањето: Кој би сакал да киднапира толку совршено мало семејство?

Имам повеќе пофални зборови за книгава, но и забелешки.
Ќе почнам со забелешките.

Јас лично имиња не памтам, ама во една книга ми се многу важни, затоа што сакале или не – најчесто првиот впечаток кој го добиваме за еден лик е од неговото име. Освен тоа, кога името кореспондира со карактерот, веднаш добивам впечаток дека авторот се потрудил да го спакува ликот најдобро што може. Џастин?! Зошто баш Џастин? Сите асоцијации кои ги имам во глава за имево, не соодветствуваат со физички силен и моќен маж како што беше претставен овој лик.

Второ, ми фалеше приказната на Теса. Знам дека не беше во главниот фокус во книгава, ама се надевав дека на крајот авторот ќе нé почести и со нејзината судбина. Сакав да дознаам што се случило со нејзиното семејство, некако ми недостигаше тоа парче од приказната.

Освен овие и неколку други ситни забелешки, имам само пофалби. Приказната и текот на настаните ми се допадна многу. Ме држеше во неизвесност, дури и ме измори од толку размислување. Постојано се обидував да ги спојам точките, да ги предвидам настаните, ама не успеав. Некои делови буквално ме натераа нервозно да цупкам со нозете. Си замислував секакви сценарија во глава, за на крајот кога веќе почна да се разрешува целата ситуација, да останам комплетно изненадена.

Имаше убави мисли, од кои една ми остана во глава: “It wasn’t that strangers couldn’t hurt you. It was simply that the people you loved could do it so much better.”

Би можело да ти се допадне и ова...