„Ако не постои утре“ – Гијом Мисо

Таа е неговото минато. Тој е нејзината иднина.
Ема живее во Њујорк. Со триесет и две години, сè уште е во потрага по вистинскиот.
Метју живее во Бостон. Тој ја загубил својата сопруга во страшна несреќа и сам се грижи за четиригодишната ќерка.
Судбоносна средба во виртуелниот свет ќе ги доведе до фактот да поверуваат дека дека конечно ја пронашле среќата. Нестрпливи да се запознат, ќе се договорат да вечераат во еден мал италијански ресторан во Менхетен.
На истиот ден во исто време, ги отвораат вратите на овој ресторан и се упатуваат на истата маса. Сепак, нивните патишта никогаш нема да се вкрстат.
Дали е тоа игра на лаги? Производ на имагинацијата? Манипулација? Фатени во форма на реалност што не може да се сфати, Метју и Ема брзо сфаќаат дека ова не е само една пропуштена можност…

Ова беше сè што знаев за книгата пред да почнам да ја читам. Скудниот опис на задната корица и препораките од други читатели беа единствените очекувања со кои ја отворив мојата петта книга од Мисо.
Размислував дали во оваа моја рецензија да вметнам уште еден елемент од книгата кој првично не беше даден и мене не ми беше познат, но мислам дека сепак не е голем спојлер, а можеби тоа ќе ве заинтересира малку повеќе за да се одлучите да ја прочитате книгава (а можеби и ќе ве оттргне од таа идеа, доколку ова не е ваш cup of tea) – Ема и Метју всушност комуницираат преку еден ист компјутер, но во различна година. Додека Ема е во 2010, Метју живее во 2011 година, а сепак двајцата можат виртуелно да разговараат меѓусебно преку компјутерот, без можност навистина да се сретнат. На тој начин, тие можат да влијаат врз нивните судбини.

Ова е детаљ кој јас не го знаев откако почнав да ја читам книгата, па ваквиот пресврт многу ме изненади, но на крајот си реков – па добро, сепак е Мисо во прашање. После неколку негови прочитани книги, може лесно да се заклучи дека човекот е љубител на фантазијата 🙂
Искрено кажано, почетокот на читањето ми одеше малку побавно, како да не бев заинтересирана, некако не бев толку внесена во приказната. Но, брзо потоа како книгата да ме зграпчи, па ја читав во секој слободен момент и постојано сакав да видам како ќе се одвиваат настаните. Не се ни обидував да предвидам што ќе се случи, не ја трошев енергијата на тоа, само читав и оставив да ме обземе приказната. Ми се допаднаа живописните описи, наизменичното менување на сцените, па имав чувство дека гледам филм.
Некои работи ми беа многу неверојатни, но тоа искрено и не ми пречеше толку многу. Не сум ни некој голем љубител на книги во кои има вакви елементи на фантазија, но овојпат тргнав со отворен ум, па мислам дека затоа и повеќе уживав во читањето.

Сакам книги во кои вистинската приказна ја откриваме слој по слој, како што беше случајот и со оваа – впечатоците и чувствата што ги имав кон ликовите го менуваа својот облик во текот на читањето, па ако на почетокот можеби некој лик не ми бил толку допадлив, дури и сум го сметала за иритантен, на крајот можеби пријатно ме изненадил и ме освоил. И обратно. Тоа впрочем значи дека ликовите биле добро обработени и повеќедимензионални. Се чини дека ништо не е онака како што изгледа и многу работи можат да ве остават изненадени.
Единствено не ми се допадна тоа што женските имиња беа слични – имаше Ема, имаше Емили, имаше и Ејприл 😀 Како за некој што тешко памти имиња, ова ми создаде проблем да ги разграничам во неколку моменти.

Ја препорачувам 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...