„Момчето во пижами на риги“ – Џон Бојн

Раскажана од перспектива на Бруно, оваа книга на моменти е смешна, на моменти детски наивна, на моменти искрена како што знае да биде само дете и постојано полна со надеж и пријателство. Патувајќи со Бруно, вие ќе мора да го напуштите неговиот удобен дом во Берлин и да се преселите во новата куќа, каде што неговиот татко, еден од командирите на Хитлер, има многу важна задача. Бруно ќе биде тажен, осамен и ќе нема со кого да си игра, па ќе Ве поведе на пат кон оградата зад која има „фарма“ полна со луѓе и деца во пижами на риги. Она што тој не го знае е дека „фармата“ воопшто не е фарма, туку логор и дека чадот од големите оџаци не е запалено ѓубре, туку…

Од она што го имам прочитано низ читателските групи, со сигурност можам да заклучам дека повеќето од вас веќе ја прочитале книгата, или го изгледале филмот во најмала рака, а можеби и двете 🙂 Се сеќавам дека филмот повеќе пати сум го начекала на некој од филмските канали, но секогаш го одбегнував затоа што сакав прво да ја прочитам книгата.

А сега, што да кажам за неа…
Ќе почнам со тоа дека отсекогаш многу ми била интересна детската перспектива на светот и секојдневните случувања, како во книгите, така и во филмовите. Таа детска наивност и чистина фрла сосема поинакво светло врз работите и често ме потсетува на моето детство и на тоа како јас сум размислувала и гледала на нештата како дете. Книгава е токму таква – низ очите на едно 9 годишно дете ги следиме настаните во Германија за време на Втората Светска војна, дотаму што неговата приказна нè води до концентрациониот логор Аушвиц каде неговиот татко е командир. Во потрага по ново пријателство кое многу му недостасува, Бруно сосема неочекувано се зближува со едно детенце од логорот – се чини дека ниту оградата меѓу нив, ниту различната облека, а особено нивниот различен статус и услови за живот, не може да ја сопре детската игра и блискост. Оттука, ја следиме нивната заедничка дружба и бескрајните разговори за различните светови на кои припаѓаат.

Многу ми се допадна книгава и решив несебично да ѝ ја дадам мојата прва петка за оваа 2022-ра. Начинот на раскажување особено ми се допадна – течеше толку лесно, како што впрочем може да биде раскажана низ перспективата на едно дете, но сепак беше толку живописна што во главата ми се одвиваше цел филм. Можев многу добро да ги замислам сцените, ликовите, движењата, звуците, тишината… Лесно и брзо се чита, а сепак во себе носи таква тежина…

Ако сте меѓу оние кои сè уште не ја прочитале – ви ја препорачувам.

Би можело да ти се допадне и ова...