My Name Is Lucy Barton – Elizabeth Strout

Луси Бартон полека закрепнува од нешто што требало да биде едноставна операција. Нејзината мајка, со која не зборува многу години, доаѓа во посета да ја види. Ваквата неочекувана посета ја присилува Луси да се соочи со она што го обликувало нејзиниот сегашен живот: нејзиното сиромашно детство во Илиноис, нејзиното бегство во Њујорк и желбата да стане писателка, нејзиниот разнишан брак и љубовта кон нејзините две ќерки. Оваа едноставна посета на Луси во болницата, ќе фрли светло врз врската исполнета со најмногу нежност и љубов – онаа меѓу мајка и ќерка.

Кога ја завршив книгава само ја ставив во листата на прочитани книги, без притоа да ѝ дадам оценка, зашто што ме остави со некои измешани впечатоци, па не бев сигурна како да ја оценам.
Откако ги прочитав коментарите на Goodreads, имав чувство дека не сум ја читала вистинската книга, дека нешто сум пропуштила, дека нешто не сум разбрала како што треба… И можеби е навистина така, на крајот на краиштата. Мојот впечаток за книгава е како да изгледав трејлер за многу добар филм за кој знам како ќе почне и како ќе заврши, но без притоа да го изгледам и самиот филм. Кратка е, но имаше простор да биде многу повеќе и искрено кажано, не разбирам зошто не беше. Вака имав чувство дека читам само споени белешки како идеи, кои потоа не се развиле во целосна книга.
Некако не успеав да сочувствувам со врската меѓу Луси и мајка ѝ, можеби повторно заради фактот што книгата е кратка, па немав време да навлезам повеќе во нивниот однос за да ги разберам. Сепак, она што го прочитав ми се допадна, само ми е жал што целата приказна не беше распослана на повеќе страници.

Би можело да ти се допадне и ова...