„Кутија во облик на срце“ – Џо Хил

Вообичаено избегнувам хорор приказни, зашто секогаш после тоа со денови ме прогонуваат 😀 ама одвреме-навреме си дозволувам по некој хорор филм или книга. И можам слободно да кажам дека книгите можат да бидат пострашни од филмовите, дефинитивно! Кога гледам филм, можам да ги предвидам страшните сцени според музиката (или тишината), па да подзамижам и да ги прескокнам. Е, овде… морам да ги прочитам.

„Кутија во облик на срце“ ја следи приказната на „пензионираниот“ рокер Џудас Којн, познат како Џад, кој откако го доживеал врвот во својата кариера, на постари години има интересно хоби: собира необични работи. Во неговата колекција може да се најде готвач за канибали, череп од 16 век, употребено јаже за бесење и најразлични чудни работи кои тој со години наназад ги купувал. Кога дознава дека некој преку интернет продава дух, тој не може да одолее на понудата. За кратко време на негова адреса пристигнува кутијата со духот во која има и еден стар костум. Џад дознава дека огласот бил наменет единствено за него, но веќе предоцна е за повлекување. Духот бара одмазда и тука започнуваат сите неволји за Џад.

За некој како мене што многу ретко посегнува по хорор книги и филмови, читањето беше вистинско преживување! Стуткана во фотелја, со сите запалени светла, тонев во приказната. На моменти беше грозна и одвратна, ама раскажувањето беше толку живописно, што имав чувство дека гледам филм.

Ова е првата хорор книга на Џо Хил (инаку син на Стивен Кинг) и доволно ме заинтересира да прочитам нешто друго од неговата колекција. Само што, мислам дека сепак ќе почекам до наредниот хорор 😀

Би можело да ти се допадне и ова...