I’m Fine and Neither Are You – Camille Pagán

Сопруга, мајка и жена која го носи лебот дома. Со години Пенелопи се бори да ги менаџира сите овие улоги, но со текот на времето, се чини дека ѝ оди сè потешко. Во меѓувреме, нејзината најдобра пријателка Џени ги прави сите овие работи со неверојатна леснотија… Страсниот брак на Џени, беспрекорно чистата куќа и добро воспитаното дете, се како недостижен сон за Пенелопи и нејзиниот сопруг кој не заработува доволно, нејзините непослушни деца и секојдневната грижа околу нејзината работа.
Но, доаѓа момент кога една потресна трагедија ќе открие дека животот на Џени бил далеку од совршен. Тогаш, Пенелопи си ветува дека ќе престане да премолчува во име на зачувување на мирот и конечно ќе се справи со проблемите во нејзиниот брак. Таа и нејзиниот сопруг се одлучуваат на радикален план: со целосна искреност, и двајцата ќе напишат список со промени што сакаат да ги направи другиот.
Она што на почетокот изгледа како паметна идеја, брзо излегува од контрола, откривајќи нови раздори и уште подлабоки тајни. Додека Пенелопи зјапа во можната експлозија на нејзиниот брак, таа не може, а да не се запраша: Кога е љубовта во прашање, дали искреноста е навистина најдобар принцип?

Ова е книга која ми беше на листата за читање можеби уште откако беше издадена, па бев многу среќна кога успеав да ја најдам, а бев уште посреќна кога на крајот видов дека ми ги исполни очекувањата.

Пенелопи е главниот столб на нејзиното семејство – со напорна и одговорна работа, таа финансиски најмногу придонесува во домот додека нејзиниот сопруг сè уште се обидува да се пронајде на професионален план. Истовремено се грижи за нивните две малолетни деца, го одржува домот и се труди да биде во постојан контакт со нејзиниот татко чие здравје во последниот период е влошено. Најлесно би можела да ви ја доловам ситуацијата на Пенелопи ако ви кажам дека таа е во онаа „сендвич“ генерација, кога очекувања и потреба од неа имаат и нејзините деца, но и нејзините родители. Мислам дека секој читател многу лесно ќе се поврзе со нејзината приказна, како што се поврзав и јас – сето она низ кое поминуваше таа, воопшто не ми делуваше толку туѓо и далечно, иако не сум во нејзината ситуација. Мислам дека многу мајки за жал и ќе се препознаат во нејзиниот лик.

Приказната многу реално ја портретира положбата на една мајка која упорно се обидува да ги држи сите конци во рака – да биде мултитаскинг и постојано да мисли на сè, да биде успешна во кариерата, а подеднакво успешна и во домот и во бракот. Но, бидејќи и таа има само 24 часа во денот и е пред сè човек, доаѓа време кога таа повеќе не може да го држи чекорот со сите обврски и да го носи сиот товар. Во такви моменти, секогаш нешто мора да настрада и нешто да се жртвува, а многу често тоа е токму бракот. Брачните другари сè повеќе почнуваат да наликуваат на цимери, секој од нив борејќи се со своето секојдневие сам, а сè поретко заедно. Тука, приказната ги прикажува проблемите со кои најчесто се соочува еден брачен пар во таква ситуација, а следствено на тоа и самото семејство. Не сакам да откријам што всушност ќе се случи со пријателката на Пенелопе, Џени, но еве ќе кажам дека како лик, таа долови една друга перспектива на мајка која се наоѓа во слична ситуација.

Мислам дека вака на прв поглед самата корица, па дури и тонот на нарацијата во аудио книгата, кој на моменти делува комичен и можеби дури забавен, не ја доловува во целост сериозноста на темите до кои допира. Мене многу ми се допадна и успеа целосно да ми ги доближи ликовите и нивните проблеми, да ми дозволи да ги разберам, па и да се соживеам со нив. Јас ја препорачувам 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...