Мојата прва прочитана книга

Ако ве вратам назад во времето и ве прашам која е вашата прва прочитана книга, дали ќе се сетите? – Ни јас 😀

Верувам дека е некоја од лектирите за прво одделение, веројатно „Касни порасни“, затоа што од оваа книга имам најдобри сеќавања. Како прваче кое штотуку научило да чита, сите тие песнички за овошјата ми изгледаа предолги, особено во моментот кога требаше една од нив да научиме напамет. Веќе некое време се обидувам да се сетам која песничка ја рецитирав јас и прилично сум сигурна дека беше онаа за сливата 🙂

Настрана „Касни порасни“, „Зоки Поки“, „Доктор Офболи“ и други детски книги кои ги читавме на училиште, мојата прва книга која самата ја избрав да ја читам беше „Како се калеше челикот“ од Островски. Бев основно, можеби 7 одделение кога од домашната библиотека избрав една книга што не беше дел од наставната програма по македонски јазик. Многу добро се сеќавам на нејзината корица, иако сега не можам да ја најдам на интернет, ама имам одлична претстава во глава за тоа како изгледаа тие изданија – сите книги го имаа истиот дизајн на корица, истиот фонт на букви, единствено имаа различна слика. Се сеќавам дека ми беше поразлична од сите дотогаш прочитани лектири и од денешна перспектива ми е смешно кога гледам дека има помалку од 400 страници, зашто тогаш ми се чинеше дека ја читам „Војна и мир“ 😀 „Како се калеше челикот“ беше мој вовед во руската литература, ама сепак мислам дека беше тешка и несоодветна книга за мојата возраст кога ја читав. За среќа на руските класици се префрлив малку подоцна и навистина уживав во нив 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...