Последните наслови на книги кои ги купив

Одамна не сум објавила на блогов со кои книги сум се подновила, а една од причините е поради тоа што вообичаено не правам голем шопинг на книги, туку континуирано купувам по една или максимум две. Овојпат купував нешто за себе, нешто за подарок, а нешто добив на подарок, па решив да го споделам тоа со вас.

Ќе започнам со „Богат татко, сиромашен татко“, книга која ја одбрав како дел од роденденскиот подарок за сопругот, после долго време пребарување на книга што би му се допаднала. Не е голем љубител на читањето, барем не колку мене и е специфичен во изборот на книги, но за оваа знаев дека ќе му се допадне. Книгава ја имав „складирано“ некаде во меморијата и ја имав забележано како нешто што ќе му биде по вкус, па ми светна во главата додека пребарував најразлични наслови. Мислев дека е распродадена, барем такво сеќавање имав јас, но потоа видов дека „Три“ направиле нов тираж и за среќа ја најдов во нивната книжарница. Иако не очекував, ме привлече откако малку ја пролистав, па ништо чудно и јас да ја прочитам 🙂

При мојата посета на книжарницата „Три“ купував и некои други работи кои не беа книга, па бидејќи сметката надминуваше одредена сума, ми понудија да си изберам една книга како подарок од нив. Обично постојано ги следам попустите, промоциите и акциите што ги имаат книжарниците, ама ете оваа ја немав забележано, па ме фатија неспремна 😀 Од понудените наслови, набрзина одбрав една што најмногу ме привлече по кратката содржина – „Ако никој не зборува за скриени нешта“. Веднаш откако дојдов дома седнав да прогуглам и да истражам каква книга сум одбрала, а судејќи според коментарите на Goodreads, не сум направила лош избор 🙂

„Сите твои совршености“ е книга што ја имам прочитано, а за која можете да ја прочитате мојата статија на блогов. Ја купив како подарок за сестра ми која се обидувам да ја запознаам малку повеќе со книгите на Колин Хувер 🙂 Бидејќи досега ја немаше читано оваа авторка, најпрво ѝ ја купив „Ова завршува со нас“, книга која според мене е најдоброто нешто од Хувер, а сега сакав да ѝ го подарам the second best thing, односно оваа.

„Габриела, каранфилче и цимет“ е книга со која се збогував лани и мислев дека никогаш нема да ја имам, бидејќи првичниот тираж на Антолог беше веќе потрошен. Ја барав на ланскиот Саем на книга, од таму ме упатија во книжарницата за да проверат случајно да не има останато уште некој примерок, но останав со празни раце. Нашите издавачки куќи ретко препечатуваат книги, па од таа причина заборавив на книгава, сè додека Антолог не ме израдуваа со најава дека повторно е во продажба 🙂 Секако дека уште следниот ден отидов да ја купам 😀

Би можело да ти се допадне и ова...