„Мали црни лаги“ – Шерон Болтон

Кетрин и Рејчел се неразделни пријателски од детството кои се познаваат целиот свој живот и не можат една без друга. Еден момент на невнимателност од страна на Рејчел, ќе биде причина за трагедија која ќе резултира со смрт на двајцата синови на Кетрин. Од тој момент, ништо повеќе не е исто. Кетрин се разведува од својот сопруг, почнува изолиран живот и запаѓа во тага. Ништо повеќе не ѝ е важно во животот, освен едно нешто – да ѝ се одмазди на Рејчел за сторената грешка.

По извесно време, мирниот и идиличен живот на еден од Фолкландските острови се претвора во кошмар кога исчезнува мало дете, за брзо потоа да им се изгуби трага на уште две други. Исчезнатите деца сомнително многу личат на починатите синови на Кетрин, а жителите на островот се убедени дека случаите се поврзани и дека меѓу нив има сериски убиец.

Одличен трилер! Книгата е поделена на три дела, а приказната е раскажана од три ликови. Има некои делови што се повторуваат, но главно раскажувањата се надополнуваат.
Обично кога читам вакви книги, сакам да „ловам“ грешки на писателот и нелогичности во приказната, што често знае да се случи со овој жанр. Сепак, во книгава такво нешто не најдов, можеби затоа што читањето го цепкав заради недостиг на слободно време.
Единствено последната третина ја прочитав во еден здив и ме остави без спиење цела ноќ. Ама морав да видам што ќе се случи, премногу беше интересно и неизвесно!
Ја препорачувам на сите љубители на трилери.

Би можело да ти се допадне и ова...