Книгата поради која го засакав читањето

Ако се вратите назад во времето, дали ќе успеете да се сетите на книгата од која за прв пат почувствувавте колку е убаво да се чита? 🙂 Првата книга која сте ја читале со задоволство, со разгорена љубопитност за тоа што ќе следи понатаму? Првата книга која едноставно не сте можеле да ја пуштите од раце, но истовремено не сте сакале приказната да заврши? Веројатно тие сеќавања ќе ги барате некаде на почетокот на основното училиште, кога за прв пат се сретнавме со книгите. Барем јас ги најдов моите спомени таму 🙂

Покрај сите задолжителни лектири, некои интересни, а некои ужасно досадни, јас се сеќавам на една книга која ми остави толку силен впечаток, што ја паметам до ден денес, иако поминаа речиси 20 години откако ја прочитав. Многумина ја паметат Оливера Николова по нејзината култна приказна за „Зоки Поки“, книга која го одбележа детството на многу генерации, но јас ќе ја паметам и по една нејзина неверојатна приказна под насловот „Шифри на каменот“.

Иако не беше предвидена во училишната програма, ние ја читавме на часот по македонски јазик и навистина сум среќна што мојата наставничка избрала толку убава книга. Паметам дека ја читавме во делови и искрено, едвај чекав да дојде часот по македонски за да продолжиме понатаму. Го мразев секое ѕвонење на ѕвончето кое го означуваше крајот на часот, оставајќи ме да се мачам со мојата детска љубопитност 🙂
Поминаа многу години, а јас сè уште се сеќавам на некои сцени од приказната, но она на што најмногу се сеќавам е чувството кое ме држеше додека ја читавме. Јас апсолутно заборавав дека седам во училница – како да не бев таму. Повеќе не ги гледав клупите, столчињата и таблата, туку ја гледав пештерата, како и јас самата да бев дел од авантурата на главните ликови. Имав чувство дека сонувам будна! Со секое завршување на часот по македонски јазик, ми се чинеше како сцените од книгата да се растргнуваат во милион облачиња од пред моите очи, а јас бев повторно во реалноста. И тука почна сè… Тука почна мојата љубов кон книгите.

Неколкупати се обидов да ја најдам оваа книга, затоа што секогаш ќе ја паметам како книгата поради која го засакав читањето и поради тоа сакам да има посебно место во мојата домашна библиотека. За жал, одамна не е печатена и не успеав никаде да ја најдам, во ниту една книжарница, дури ниту во магацините на Просветно дело 🙂 Навистина, секаде се обидов.
После толку голема потрага и желба да ја имам, единствено ми преостанува да се надевам дека ќе дочекаме ново издание од „Шифри на каменот“. И којзнае, можеби еден ден оваа прекрасна приказна навистина ќе ги краси моите полици со книги, за здравје еден ден, да им ја читам на моите деца.

Би можело да ти се допадне и ова...