Маестралниот Зафон и неговата „Сенка на ветрот”

Верувам дека повеќето вљубеници на пишаниот збор веќе ја прочитале книгава, ама сепак ќе напишам кратка содржина, чисто за да ги заинтригирам оние кои не ја прочитале, затоа што книгава е must read!

Дејствието започнува во 1945 година, во Барселона. Десетгодишниот Даниел чиј татко има своја книжарница, за прв пат ги посетува „Гробиштата на заборавените книги“ – место каде завршуваат сите книги кои повеќе немаат сопственик. Од таму, Даниел треба да одбере една книга која ќе ја посвои и за која ќе се грижи никогаш повеќе да не исчезне. Движејќи се низ лавиринтите од книги, тој ја одбира „Сенката на ветрот“ од извесен Хулијан Караш. Тагуваќи по својата прерано изгубена мајка, Даниел наоѓа утеха во мистериозната книга која толку многу го обзема, што решава да пронајде и други наслови од истиот писател. Но, набргу дознава дека некој плански ги уништува сите дела на Караш, а постои голема веројатност Даниел да го има последниот примерок. Љубопитноста на Даниел да ја дознае приказната за Караш, ќе ја отвори вратата зад која се кријат многу мрачни тајни – тајни кои ќе го доведат во опасност неговиот живот, но и животот на неговите најблиски.

Обично многу лесно пишувам забелешки за книги, зашто секогаш знам што точно ќе кажам. Знам што ми се допаднало, а што не, во текот на самото читање си правам mental notes, па само седнувам и пишувам. За книгава… не знам од каде да почнам. Веќе неколку минути зјапам во празниов простор и се обидувам да ги средам импресиите за да ги склопам во барем неколку реченици. Ама ќе се обидам да бидам кратка и концизна, иако имам милион мисли во глава кога ќе помислам на книгава.

Зафон го запознав со „Марина“, потоа прочитав уште неколку негови книги, но никогаш не стигнав до култната „Сенка на ветрот“, која е книга за која ретко кој не слушнал. Откако ми падна во раце, неколку денови буквално живеев во магијата што ми ја носеше самата приказна. Ја носев секаде со мене, зашто сакав да го искористам секој слободен момент за да прочитам барем неколку страници.

Зафон како и секогаш – маестрален во пишувањето. Апсолутно брилијантен, со толку убаво одбрани зборови, што на моменти ми се чинеше дека читам поезија. Изобилува со толку неверојатни описи, што добивав чувство дека живеам во самата книга, дека и јас се движам низ целата приказна. Ликовите комплексни, но совршено изградени, како сложувалки со илјада парчиња. Сè си беше на свое место. Имаше прекрасни цитати заради кои некогаш подзастанував и се губев неколку минути, размислувајќи за тоа што сум го прочитала. Книгава беше како хипноза! Многу ретко препрочитувам книги, ама знам дека оваа ќе ја прочитам барем уште неколку пати. И сега кога си ја имам во домашната библиотека, ќе ја скријам како во Гробиштата на заборавените книги, зашто нема да сакам да ја позајмувам 😀 Во план ми се и другите две продолженија на „Сенка на ветрот“, задолжително ќе си ги купам, ама знам дека ќе го одолговлекувам читањето, зашто ќе бидам тажна откако ќе ги завршам. Сакам да ги причувам за понатаму, засега уште ме држат импресиите од оваа книга.

Додека го читам Зафон, на моменти добивам чувство дека живее во некое друго време. Мене ме освои уште пред да ја прочитам неговата најпозната книга. Имам гледано многу интервјуа со него и секогаш ми остава впечаток на многу топол лик, баш онака како што си го замислувам додека го читам. Изгледа многу скромен и тивок, а има цели универзуми во себе. Би била пресреќна ако некогаш добијам можност лично да го запознаам. Дури не мора ни да ми ги потпише книгите, само сакам да се убедам дека е реален 🙂Има дела кои се толку добри, што си се прашувам: Зар е можно ова да е создадено од човек? – Книгава е една од нив.

Би можело да ти се допадне и ова...