A Wedding in December – Sarah Morgan

Во снежното совршенство на Аспен, семејството Вајт се собира за божиќната свадба на најмладата ќерка Рози. Меги и Ник се пресреќни за неа, а бракот на нивната ќерка е пресвртница која тие се решени да ја прослават со цело срце, но во меѓувреме кријат огромна тајна: тие се на работ на развод. Откако живееле одвоено во последните шест месеци, последното нешто што им треба е да бидат заедно заробени во неодоливо романтична зимска идила. 
Постарата сестра на Рози, Кејти, исто така е загрижена за венчавката. Кејти е решена да ја „спаси“ својата сестра, стравувајќи дека нејзиното лудо срце прави голема грешка – само ако иритирачки згодниот кум, Џордан, би престанал да се меша во нејзините планови. Идната невеста Рози го сака својот вереник, но се двоуми во врска со венчавката. Сè се случува толу брзо, што Рози не е сигурна дали го прави вистинскиот избор. Постојано на ум го има фактот дека и нејзините родители се венчале за кратко време по започнување на нивната врска, а веќе имаат долг и среќен брак – само кога би знаела дека нивниот брак е пред развод…  


Книгава беше пријатно изненадување. Судејќи по самата кратка содржина и фактот дека се работи за чик-лит, имав очекувања дека ќе биде некоја плитка книга со божиќна тематика, но се изнанедив кога во текот на читањето сфатив колку убаво се портретирани ликовите. Воопшто не се површни, нешто што многу често се среќава во книги од ваков тип, баш напротив – беа одлично изградени, им беше дадена позадина од која беа влечени нивните постапки во сегашноста. Мајката Меги која ги поминала последните децении живеејќи за нејзиното семејство, посветувајќи толку многу време и енергија и отстапувајќи од своите соништа, што на крајот веќе не знае која е како личност и што сака да прави во животот. Нејзиниот сопруг Ник кој е свесен дека заради работата не бил доволно присутен во животот на неговите ќерки кога биле деца, но секогаш на Меги ѝ ја препуштал улогата на родител, верувајќи дека таа ужива во мајчинските обврски. Затворената и независна Кејти која е убедена дека никој не ѝ е потребен и секогаш се обидува самата да се справи со она што ѝ се случува во животот, но тука е за останатите на кои им е потребна помош. На крајот, нескротливата и бунтовна Рози која секогаш ги изненадува најблиските со нејзините постапки, а овојпат го прави најнеочекуваниот чекор – се решава на венчавка по кратко време од отпочнување на врската со нејзиниот вереник. Лесно се поврзав со нив и можев да ја разберам сечија страна од приказната. Ми се допадна начинот на кој беше раскажана – слободно течеше и наизменично беше дадена преку трите главни, женски и подеднакво допадливи ликови. Нема застој и досадни моменти, иако на крајот многу брзо се разрешуваат сплетките, но тоа не го сметам за голем минус. 
Инаку, и покрај насловот, самата книга не е толку во духот на Божиќ. Освен што случувањата временски се сместени во тој период од годината, ништо друго не навестува дека се работи за божиќна книга, така што може да ја читате кога било, на пример како мене сред април 😀 

Би можело да ти се допадне и ова...