„Сестрата создадена од бура“ – Лусинда Рајли

„Сестрата создадена од бура“ е втората книга од серијалот од седум книги под наслов „Седумте сестри“.

Овојпат, Лусинда Рајли ја раскажува приказната на Али, која по смртта на нејзиниот татко кој ја посвоил како новороденче, добива писмо и еден мал предмет кој треба да ѝ послужи да го пронајде нејзиното вистинско семејство. Од Швајцарија, потрагата ја носи Али во Норвешка, каде дознава дека нејзиното потекло е врзано за познатото музичко семејство на Ана Ландвик.

Ова беше втора книга во книга која ја имам прочитано, покрај “Envy” од Сандра Браун. Многу ми се допадна целиот концепт, наизменичното раскажување на приказната на Али и Ана, патувањето назад низ минатото кое раскажува за вистинити ликови и настани, а сето тоа прикажано заедно со природните убавини на Норвешка.
Типично за книгите на Рајли – и овојпат имаше многу ликови и толку испреплетени приказни, што кога вака ќе се навратам назад на тоа што сè се случуваше, имам впечаток дека сум прочитала не една, туку неколку книги 🙂

Ликовите беа убаво изградени, а раскажувањето беше толку живописно, што додека ја читав во глава имав претстава и за најмалите детали. Неколку настани беа предвидливи, но приказната главно го задржуваше вниманието и на неколку моменти ме изненади. Не беше премногу бајковита, дури би рекла дека (особено на почетокот) беше многу трагична.

Како и во претходната книга, така и во оваа последното поглавје ја навестуваше приказната за следната сестра. И двете книги се засебни и независни, но има некои детали кои се провлекуваат во втората книга, а за кои треба да ја прочитате првата. Така што, ве советувам да почнете од почеток 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...