A Thousand Voices – Lisa Wingate

Посвоена на свои тринаесет години, Дел Џордан била сакана, подучувана и охрабрувана да ја следи својата страст кон музиката. Сега, на дваесет години, по една година во странство со симфониски оркестар, на дофат ѝ е стипендија за престижната музичка школа Џулиард. Но, под беспрекорната надворешност на Дел, се кријат мистерии од минатото. Зошто мајка ѝ ја напуштила? Кој бил нејзиниот татко? Дали има некаде роднини кои никогаш не ги запознала? Решена да најде одговори, Дел тргнува на тајно патување во планините Киамичи во Оклахома, повикана од единствената преостаната врска со нејзиното потекло – домородното американско име на нејзиниот татко напишано на нејзиниот извод од матична книга на родените.

Оваа книга е петти дел од серијалот Tending Roses, од кој ја прочитав The Language of Sycamores во која се прикажани родителите на Дел, нивното запознавање со неа и посвојувањето. Поврзани се, но можат да се читаат и засебно, иако би биле во предност ако ги читате редоследно бидејќи ќе имате покомплетна слика за позадината на случувањата.

Во ова продолжение фокусот е на Дел, чии Чокто гени се причината поради која никогаш не се почувствувала дека припаѓа во средината во која израснала. И покрај тоа што е посвоена од прекрасни родители кои ѝ овозможуваат многу повеќе од она што можела да си го замисли, сепак, во неа тлее желбата да го пронајде нејзиниот татко и да дознае од каде припаѓа.
Додека ја читав, поточно слушав аудио верзијата, ме следеше некое чувство на емпатија кое го разбуди Дел во мене – нејзината желба да го открие другото парче од себеси, да пронајде одговори, да дознае дали била сакана, посакувана. Имаше многу нежност во неа, кршливост, несигурност, но и храброст која ја водеше низ тајното патување до нејзините корени. Дел е од оние ликови кои би ги гушнала во вистинскиот живот.
Искрено, малку ми недостигаа „странични приказни“ кои ќе бидат како дополнување на главната приказна на Дел, но имајќи предвид дека ова е само едно продолжение од серијалот, оправдано е. Сепак, можеби сум само поголем љубител на stand-alone книги кои се спој на повеќе ликови и приказни 🙂

Би можело да ти се допадне и ова...